Во организација на Европскиот парламент од 11 до 12 јули 2018 година во Брисел, се одржува Интер-парламентарна конференција на тема: “Добро управување со фондовите на ЕУ: контролна и надзорна функција на Парламентот во трошење на буџетските средства”.
На конференцијата учествува делегација од Собранието на Република Македонија и тоа претседателот на Комисијата за финанансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, и пратениците Панче Иванов, член на Комисијата за финансирање и буџет и Шпреса Хадри, член на Комисијата за европски прашања.
Интер-парламентарната конференција беше отворена од Инге Граесле, пратеник во Европскиот парламент и претседател на Комисијата за буџетска контрола.
На конференцијата се дискутираше за работата на Комисијата за финансирање и буџет, за механизмите за контрола и надзор на трошењето на јавните средства, контрола на трошењето на средствата од ИПА фондовите, механизмите кои ги користи Европскиот парламент за контрола на буџетот на Европскиот парламент, но и на националните буџети. Исто така се разменија мислења за прекуграничната соработка помеѓу земјите, соработката на Европскиот парламент со Европскиот суд на ревизори итн.
Во дискусијата се вклучи потпретседателот Мемеди кој ја истакна важноста на надзорната и контролната улога на парламентот над трошењето на средствата од националниот буџет и од ИПА фондовите.
Мемеди посочи дека е потребно да се изнајдат соодветните механизми кои ќе овозможат парламентите реално да ја извршуваат контролната функција, а со цел да се спречат злоупотреби при користењето на буџетските средства од фондовите на Европската Унија.