ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ГИ ПОВИКУВААТ ЕВРОПСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА ПОМОШ СО БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНА ВИРУСОТ
Грамоз Ручи, Претседател на Парламентот на Република Албанија, Денис Звиздиќ, Претседател на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ,
Претседател на Народниот дом, Парламентарно Собрание на Босна и Херцеговина, Вјоса Османи, Претседател на Парламентот на Косово, Иван Брајовиќ, Претседател на Парламентот на Црна Гора, Талат Џафери, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија и Маја Гојковиќ, Претседател на Националното Собрание на Република Србија, испратија апел за помош на Западен Балкан во борбата против пандемијата на COVID– 19 на Давид Сасоли,
Претседател на Европскиот Парламент и Урсула вон дер Лејен
Претседател на Европската Комисија.
Во апелот стои: „ Свесни за комплексноста на моменталната состојба и проблемите со кои се соочуваме како резултат на пандемијата со COVID– 19, овој заеднички Апел има за цел да ја нагласи моменталната многу неповолна состојба и предизвиците кои одат со неа за регионот на Западен Балкан; и во смисла на број на заразени и во смисла на недоволната здравствена опрема вo Регионот, неопходна за успешната превенција, третман и запирање на натамошното ширење на Коронавирусот (COVID– 19). Во оваа смисла, нам сега, повеќе од кога било претходно, потребна ни е солидарност, координиран пристап и заедничка акција.
Оттука, бараме Западен Балкан, кој секогаш јасно и недвосмислено нагласувал дека припаѓа во Европското семејство, да биде изземен од одлуката за рестрикција на извоз на медицинска опрема од Европската Унија со цел да преку споделување на искуства и снабдување на неопходната опрема и медицински апарати, стане дел од Заедничкиот Европски Одговор во контекст на борбата против COVID– 19. Во овој поглед, како претседатели на Парламенти од Западен Балкан, апелираме да ги преземете следните мерки, имајќи ја во вид нашата заедничка иднина, еднаквост и солидарност:
- разгледување на вклученоста на регионот на Западен Балкан во ЕУ + шема на авторизиран извоз;
- овозможување на регионот на Западен Балкан, доколку е неопходно, да стане дел од Заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки и оттука да учествува во заедничката набавка на медицинска и заштитна опрема за борба против пандемијата со COVID– 19
- разгледување на можноста за дозвола на регионот на Западен Балкан да ги пренамени постојните фондови од Инструментот за претпристапна помош (IPA II) за борба против пандемијата на COVID– 19, како и користење на сите други фондови достапни од разните ЕУ фондови достапни за оваа намена.
Дополнително на предложените мерки, во име на нашите Парламенти, поздравуваме секој вид на помош која Европската Унија е подготвена да ја овозможи за регионот на Западен Балкан.
Почитуван претседател на Европската Комисија, почитуван претседател на Европскиот Парламент, ние сме уверени дека овој апел ќе има позитивен исход, затоа што ние, во Западен Балкан, т.е. во Југоисточна Европа, силно веруваме во Европската солидарност и нашата заедничка европска иднина.“