| |

Иселеници од Турција пристигнуваат во Момчилград за отворањето на куќата-музеј на легендарниот Наим Сулејманоглу

Во овие денови илјадници иселеници од Турција патуваат кон Момчилград во Бугарија за да присуствуваат на свеченото отворање на реставрираната куќа на легендарниот кревач на тегови Наим Сулејманоглу, претворена во музеј. Настанот ќе се одржи на 18 ноември, на осмата годишнина од неговата смрт, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.

Иселеничките организации од Истанбул, Анкара, Бурса, Ескишехир и други градови организираа групни посети. Според организаторите, интересот е огромен, бидејќи Наим е еден од најголемите симболи за турските иселеници – спортист кој ги прославил и Турција и Бугарија, но и го привлекол вниманието на светот кон судбината на бугарските Турци.

Куќата-музеј е реновирана по проект на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), со голем придонес од семејството на Сулејманоглу. Според најавите, на отворањето ќе присуствуваат и турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, министерот за младина и спорт Ашкан Бак и раководителот на Дирекцијата за верски прашања.

Наим Сулејманоглу, познат како „Џебниот Херкулес“, е роден во бугарското село Птичар. До 15-годишна возраст живеел во куќата што сега е музеј, а токму на таа возраст ја освоил својата прва титула светски шампион за младинци. Во кариерата има седум светски титули, три олимписки златни медали и 46 светски рекорди.

На 18 ноември во Истанбул, на неговиот гроб во меморијалниот комплекс Едирнекапи, ќе се одржи комеморативна церемонија.



Слични Објави