|

Источна Демократија

Facebook статус на Арсим Зеколи, дипломат

Можеби веќе кажана, но вреди да се повтори анекдотата. Некаде на работ на пустината Караком, ценетиот соговорник од Централна Азија ме запраша дали навистина верувам во она што пред неколку часа го кажав на предавањето. Дека демократијата е можна во пост-совјетските републики. На мојот одговор дека верувам, соговорникот полу-сожаливо се насмевна. “Но не верувам дека западната демократија е изводлива”, додадов по кусо премислување. “Молодец!” извика пријателот, “за тоа веќе можеме да разговараме”.

Западните колеги не беа воодушевени од мојата анекдота. Уште помалку им се допаѓаше мојата реплика во форма на прашање зошто мора да се додава западна ако е веќе демократија. И дали самиот конструкт “западна демократија” е некаква астерикс фуснота која некогаш ја краси а некогаш хендикепира, побива дури смислата на самата демократија. Која, спротивно на современите толкувања, не е идеологија, туку систем. Се додека не се додаде некаков префикс со кој системот се идеологизира и создава простор за раѓање на политичкиот ривалски концепт на анти-демократија.

Ни денес нема да бидат одушевени, особено по нивната директна заслуга за ништење на еднозначноста запад и демократија, и последичната нова стратегија “или си про-запад или си про-демократија”. Манифестирана од нивната дипломатија во регионот преку стратегијата на хранење на фашистичкиот монструм во Белград со месото на младите демократии во Подгорица, Приштина, Сарајево а донекаде и во Скопје.

Колку денешното поимање на демократијата како таква, и особено западната како современеост, има допирни точки со автентичната, класична демократија од грчката или персијската антика? Прашањето е релевантно за денешницата не само поради демократијата како таква, туку повеќе за причините за нејзиниот крах. Американскиот политиколог Роберт Каган пред десетина години оцени дека “Американците се од Марс, Европјаните од Венера”. Сепак, следејќи ја таа аналогија помеѓу воинственоста и дипломатичноста како столбовни одбележја на Американците и Европјаните, поупатно е да се каже дека Европјаните се од античка Атина на демократијата и економијата, додека пак Американците од Спарта на олигархијата и армијата. Во таа аналогија, во таа споредба, лежи мотивот за потрезвено согледување на предизвиците кои ни претстојат и неубедливите аргументи на оние кои вербално бараат борба против корупција, но во заткрила се директно зависни од нејзината трансакциона вредност во политиката и обезбедување надворешно или внатрешно влијание.

Според Борут Пахор, поранешниот претседател на Словенија, На Европа и претстои нова поделба “помеѓу демократскиот Запад и автократскиот исток. Прашање е каде таа нова линија на поделба ќе минува низ западниот Балкан”. Не толку директен е и Антонио Кошта, Премиер на Португалија, кој најавува дека “Европа ќе мора да се организира во променливи геометрии” предупредувајќи дека “ЕУ ризикува да го ширум источна Европа примерот со неисполнетите очекувања на Турција” за членство во Унијата. Поведенијата во регионот даваат право за таквите заклучоци, гледано низ примерот на Србија, Албанија кои потврдуваат дека ја имаат научено формула-лекцијата на Ердоган за “кој прв ќе трешне” односот кон ЕУ: однесувај се дека си заинтересиран, не се надевај на прием и никако не дозволувај да Брисел ја префрли вината врз тебе за да си го спаси сопствениот образ.

Гледано од страна на западот, таквата нова поделба веќе се дефинира како разграничување помеѓу “демократијата и автократијата”. Но гледано од источна страна, тоа разграничување се смета како зародиш на источната демократија која себе си се помалку се гледа блиска до Атинската корумпирана демократија на ЕУ и е се повеќе е наклонета кон Спартанската олиго-милитантна демократија на САД и Велика Британија, особено кога на хоризонтот сеуште продираат армиите на Русија како нова Персија. Ривалските наративи на двете гео-демократии се веќе скроени и во широка употреба. Западната демократија инсистира дека нејзината верзија е автентична, либерална, слободарска, просперитетна, удобно сместена на пристојна и бебзедна дистанца од надворешните агресори додека источната е автократска, националистичка, милитантна, популистичка, мачистичка. Источната пак, демократија, себе си се смета за реал-политичка, заснована врз традицијата, нацијата, економијата, суверена и во перманентна состојба на одбрана од блиските агресори, а западната ја смета за нарцисистичка, арогантна, со мисионерски комплекс, феминизирана, сумпремацистичка и колонијалистички детерминирана. Во двата примера, институционалните државните инструменти на демократијата – избори, парламентаризам, претставништво – се подеднакво застапени во двете гео-демократии. Разликата е во општествените поимања и практицирања на демократијата во однос на слободите и привилегиите: во западната тие се претежно класно диктирани, во источната демократија се етно-национално определени. А сепак, клучното прашање е: дали било која од двете демократии воопшто може да се сметаат како такви во класична, дескриптивна и суштинска смисла на зборот демократија?

Основата на демократијата, нејзината базична, автентична смисла сепак не се однесува на слободите туку на правата на граѓаните за рамномерна распределба на давачките и примањата од заедничките добра. Изреката “до економијата е, глупчо” е современ слоган и потсетник за примордијалната смисла на демократијата од антиката и надвременски двигател на политичките односи во државата и општеството. Делинеацијата помеѓу западната и источната демократија неминовно ќе води и кон гео-демократски, концептуално фаворизирачки поимања на економијата, поимањата на злоупотребите на давачките и примањата и најбитното – третманот на корупцијата. Поедноставено, пристапот ќе биде определен од интересот за толерирање или сатанизација на корупцијата. Западот ќе сака да корупцијата ја препознава во источните економии на олигархијата и милитантноста, истокот ќе сака да корупцијата ја препознава во западните економии на привилегијата и супремацијата. Во обата примера, корупцијата ќе стане анатема во надворешната и нужно зло во домашната политика. Финалниот ефект на таквиот однос на крај води кон она што Шарлом Перлман во делото “Подмитување на атинските амбасадори” го илустрира со “персијското злато имаше поголем успех во ставање на Грција во робство, а успесите на Филип се должеа на подмитување на грчки политичари.”

Смислената контрадикторност во односот кон корупцијата е прекурсор за внатрешните политички односи, особено во однос на дефинирањето на умерените, екстремните и радикалните сили на политичката сцена. Како што веќе напоменав, надворешните фактори се предодредени да фаворизираат екстремни групации (во земјата) низ кои се одржува перпетуалната состојба на конфликт без разрешница и периодичен кризен менаџмент преку менување на екстремите на власт. Притоа, моралната дистанца на надворешните фактори кон таквите екстремни појави се обезбедува преку проектирани групации на умереност но во перпетуална зависност од надворешна политичка и финансова подршка. Додека екстремните групации се хранат од домашните давачки и примања, умерените групации закинати од домашните буџети се предодредени на зависност и подреденост кон надворешна помош. Во овата случаја, корупцијата е прикажана како морална доблест на “грижа за народот” или пак “грижа за човештвото”, но разголено од таквите украсни придавки станува збор за – корупција. Но доколку екстремното е подложно на радикални успони и падови согласно постигнувањата во освојување и потфрлањата во одржување на ветените политики, корупцијата на умереноста е речиси перпетуална и како таква канцерогена за прогресот на општеството. Нејзината корупцијска зависност од надворешните фактори ја загадува самата смисла на умереноста (модерацијата) како поведение и го хендикепира центризмот како политички став на автентичната, автономна и автохтона Агора на демократијата.

Не е за изненадување што ваквата дефиниција на екстремност и умереност постои во двата гео-демократски кампа на поимањата на демократијата. Вклучително и споделениот негаторски и одбивен однос кон радикализмот како многу понеприфатлив концепт од екстремизмот и умереноста. Радикализмот е лош збор, Анатема! во западната и во источната демократија бидејќи задира токму во срцевината на непринципиелната коалиција помеѓу екстремизмот и умереноста како две лица на иста паричка за поткусурување.

Така е и во нашиот случај. Нашата демократија бележи успони и падови на политички касти родени од екстремизми, за потоа под притисок на стекнатите добра и заштитата од западната или источната демократија евоулираат во првенци на умереноста. Сме следеле како етно екстремните, идеолошко екстремните појави наизменично ги менуваа спонзорите од западот или истокот во пробој кон власта, за потоа повторно со помош на западните или источните демократии станат модели на разумната умереност и главни провокатори на појавата на новите екстремни фактори според формулата “и тато би, сине”. Она што го немаме видено – благодарение на пактот на екстремните и умерените, источните и западните демократии – е подемот на радикалната логика, сила и фактори со радикално спротивни поимања на политиката, економијата и на крај – борбата против корупцијата.

Како заклучок, можеби залагањата на Анџела Агелер се искрени. Можеби се само најнова епизода од “западна борба против ривалска источна корупција”. Дилемата е дали има навистина решителна подршка од сопствената влада и нејзините екстремно-умерени партнери во земјата за таков радикален пресврт. Според зборовите нејзини – да. Според делата – турете пепел на борбата против-корупцијата договорена со најкорумпираните. А судејќи според домашните реакции, нејзината мисија е однапред врпегната во пресметките на екстремистите и радикалите за вадење ќар од нејзините изјави. Маските на победници и жртви од таа најавена пресметка се веќе извадени, согласно спремните публики. А со нив и наративите за западните и источните поимања на демократијата во Северна Македонија, сместена таму доле на тажниот Југ.

Слични Објави