Нема поубав ден од 11 октомври за горење бугарски пасош

//

Пишува: Мужјак

Круме бил најголем мангуп во маало. Висок, убав, згоден, без поголеми маани и со дедо борец против бугарскиот фашистички окупатор, кој поново треба да го нарекуваме само фашистички, за да не се лутеле Бугарите. Инаку дедо му на Круме (кој исто така се викал Круме) бил на неполни 9 години кога на 11 октомври 1941 г. почнало „востанието против фашистичкиот окупатор“, ама имал во маало некој лик што видел партизан и со врски, кога ги наполнил годините за да се води борец, станал член на одборот на борци. Круме јуниор еднаш го прашал дедо му, како успеал да се пише борец кога имал само 9 години, кога се кренало „востанието“, а дедо му Круме сениор ладно го нарекол неранимајко и додал дека во нивното боречко друштво имало и помлади од него. Круме јуниор никогаш повеќе не се осмелил да го праша дедо му за овие ствари.

Поминале многу години од овој краток разговор помеѓу дедо и внук и нормално во животите на нашите херои настанале осетливи промени. Круме сениор веќе бил толку стар, што не можел да учествува во чествувањата за 11 октомври и само ги гледал преносите на стариот телевизор во неговата соба. Круме јуниор пак, освен со еден пропаднат брак и неколку кредити, можел да се пофали и со тоа дека е горд блгарски гражданин. Историјата молчи од каде нашол документи за да го докаже својот произход, но да не се лажеме, тој што не почнал да бара, тој не нашол некое писулче од Егзархијата.

Круме јуниор се обидел да емигрира, но не успеал да се снајде и се вратил во својот роден град, со лесни повреди во пределот на своето достоинство. Работел во една фирма за столарија, како момче за све иако напукал веќе речиси 35 години и ништо розево не му се оцртувало како иднина. Круме се претворил во злобен чиче, на кој сите му биле криви за нешто, а најмногу од се му бил крив бугарскиот пасош, бидејќи и покрај фактот што го поседувал, не успеал да направи кариера во странство.



Еден ден како што си скролал на фејсбукот, Круме видел едно видео каде двајца суруши ги палат своите партиски книшки и во главата му дојавала генијална идеја. На 11 октомври баш на годишнината од „востанието“ нели, ќе појде пред бугарската амбасада и јавно ќе го запали својот бугарски пасош, во знак на револт против бугарската негаторска политика кон измачениот македонски народ.

Дошол денот Д, Круме станал рано, мавнал една контра, се избањал, си ги облекол најубавите алишта и тргнал на кај амбасадата. Врнело дожд, била страшна гужва низ градов, како да не е почивен ден. Стигнал некако нашиот јунак до амбасадата и што да види- пред влезот чекала редица луѓе. Круме помислил да нема избори, ама му текнало дека нема гужви пред бугарската амбасада за време на гласање за било што во Бугарија, затоа застанал позади последниот во редицата и го прашал што е работава, човекот му одговорил дека сите со собрале пред амбасада за да си ги вратат пасошите, оти веќе не можеле да ги трпат тие предавнички хартии во нивните џебови, а го одбрале токму 11 октомври, ради симболика. Круме ужасно се разочарал. Сакал да биде посебен, да направи нешто што ќе се памти, ама удрил на камен, такви како него патриоти ги имало многу. Се поврткал уште малку и си тргнал на кај дома. Вечерта додека пак без никаква посебна цел скапувал на фејсбук, видел вест за денешната редица пред амбасадата. Се собрале замислите 50-на луѓе патриоти за да си ги вратат назад бугарските пасоши, а горе во амбасадата имало коктел по случај „празников“. Фашистичка работа. Круме го исклучил фејсбукот, излегол на тераса да запали една цигара и си помислил: „Ајде па в година ќе го запалам пасошот, нема поубав ден од 11 октомври за палење бугарски пасош. Оние аматерине од денеска ќе ги враќале. Клошари! Море да гори треба да гори!!!“

Претходна статија

Во одбрана на бугарската црква во Македонија

Следна статија

РС Македонија: ЕУ нè лаже, ние сме совршени! Софија: Дела, а не омраза (3)

Најново од Ваш став