| |

Источно од “Западот” и западно од “Истокот”

Facebook статус на Никица Корубин

Таборите полека се наметнуваат, а наративот се исцртува. Правилата се подразбираат: или си “со нас” по строго контролирани услови или си “против нас”, непријател поголем од вистинскиот непријател. Така некако изгледа партиската сцена деновиве, со многу галама, квалификации и компромитации, и малку суштина. Затоа што токму суштината е таа што треба да се избегне: кој е за “западот”, а кој е за “истокот”, метафорички кажано?

“Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго”.- Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија. Оваа изјава на О’Брајан експресно беше преведена и апострофирана од страна на неодамнешниот премиер во:

“Овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, овие избори ќе бидат помеѓу Запад и Исток”. – Димитар Ковачевски, поранешен премиер. Но, дали нешто се превидува во целиот наратив кој се плете?

Односно, дали наративот само се употребува во партиско-партократската пресметка за клановската премоќ на сметка на сериозните резови, реформи и промени за функционална и европска држава? Со други зборови, колку поголемо обесмислување на антиподот “запад-исток”, толку побрзо бришење на границата помеѓу декларативното и ефективното: “слушај ме што зборувам, а не што правам”.

Всушност аналогијата е многу јасна и нема простор за толкување, ама проблемот е спремноста за примена на одамна прифатената реалност, ефектуирана преку сите меѓународни договори, која преку членството во НАТО треба конечно да се реализира со членство во ЕУ. (Не)спремност од страна на (речиси) сите влијателни фактори, структури и поединци во нашето општество е толку јасно и експлицитно, што не е прашањето кој е за “запад”, а кој е за “исток”, туку до кога нашите “источно” креирани и наследени елити (интегрирани и инфилтрирани во сите партии, факултети, синдикати, религиозни заедници, бизниси и медиуми), ќе го узурпираат “западниот” наратив со желба за целосна контрола на процесите?

Всушност “западот” не се однесува само на ЕУ и САД, како финансиери и спонзори, туку како демократски општества, систем на вредности и владеење на правото, слобода на избор, и право да се биде граѓанин; исто како што “истокот” не се однесува само на Русија и Кина, како противтежа на западот, туку како суштински автократски и тоталитарни системи, репресивни општества, со рестриктивно право, и без слобода на избор, а уште помалку слобода да се биде граѓанин. Ова е прашање што го определува нашиот секојдневен приватен живот, а не што ја определува позицијата на партиите, нивната власт и ориентацијата на државата. Влогот е личен, а не само колективен, и со тој влог “си играат” сите.

А, како “западот” и “истокот” изгледаат на “терен”? Еве на пример во енергетскиот сектор, молкот на “јавноста” за зависноста од рускиот гас и хајката на истата таа “јавност” за стопирање на грчките инвестиции во енергетиката, борба ли е на “истокот” со “западот”? Кому го поверуваме “енергетскиот суверенитет”, на партнерот во ЕУ и НАТО и прв сосед или на “нешто друго”, што би рекол О’Брајан? Белким не сметаме дека можеме сами, затоа што тоа “сами” има ист призвук, како што имаше “само Македонија” во БЈРМ.

Каде оди МПЦ-ОА во моментов, кон “западот”, и томосот на Вселенската Патријаршија или кон “истокот”, што во случајов е север, СПЦ и РПЦ? За тоа ли државата и го враќаше нашето културно наследство, и и подарува и спонзорира изградба на (луксузни) манастири и резиденции? Во духот на христијанството од секуларноста на уставот и религиозноста на функционерите. Троен апсурд.

Или на пример, меѓузависноста на државната администрација со партиите, како примарна форма на корупција; и бескрајните партиско-партократски штрајкови на администрацијата за повисоки плати, која е “издржувана”, на сметка на целосно отсуство на истите штрајкови и барања од страна на приватниот сектор, кој е оној што “издржува”; борба ли е на “истокот” со “западот”? Дали не станува збор за реминисценција на комунистичкото минато, каде работникот мора да биде “згрижен” од државата, наместо да биде на пазарот на трудот, како и во секоја пазарна економија? Па, зарем пазарот на трудот постои само за приватниот сектор, во “самоуправен социјализам” ли е администрацијата?

Која е таа држава, што толерира закани и реализација на истите за блокирање на функционирање на цели системи и области од државата, во име “на правото на штрајк”, ако не е суштински зависна од партискиот “глас на администрацијата” или “заробена” во идејата дека од Северна Македонија, “држава не смее да биде”. “Западот” ли го посакува тоа или “истокот”?

И така доаѓаме до “шлагот” или шлагвортот сеедно. Најголем непријател да стане најевропскиот политичар од регионот, а споменувањето на неговото име да се третира како ултимативен грев: Албин Курти. Ајде што тој е чист и кристален “запад” во однос на нескриениот “исток” на “братска Србија на Александар Вучиќ”, туку неговата беспрекорна демократичност и инсистирањето на владеењето на правото е изворниот и иманентен “запад”, модел и за нашиот “европски фронт”. А, наместо тоа најава, преку сериозна партиско/политичка/медиумска хајка, против таа идеја отелотворена преку албанската опозиција, за една од најголемите политички грешки и превиди, што “европскиот фронт” се “залетал” да ги прави. Преку сериозна потенцијална ескалација, скандализација и дискредитација на суштинското европејство.

И така додека одгатнуваме кој во “западот” кој ни се сервира е источно од него, а кој во “истокот’ е западно од него, а треба да биде скриен; сведочиме на првото вистинско освежување во суштината на партискиот живот кај нас; после флагрантната узурпација на 2016-та година. И тоа освежување на духот и раѓање на “идејата” наместо голиот интерес е овој пат, засега само кај Албанците. Стравот од промените кои ги носат граѓаните со својата поддршка на таа идеја, е толку голем кај “македонските елити”, колку што треба да биде нашето разбирање, на Македонците што всушност се случува, и какви промени се потребни.

Да сватиме конечно дека “западот” сме ние самите граѓаните, а “истокот” се сите оние кои го заробуваат и општеството и државата. За да можеме барем малку да ја разбереме, вистинската борба која се води деновиве, на сите нивоа, а која се “продава” како внатрепартиска борба во една партија. А, на секого од нас е да процени кога и за што “западот” се употребува, а кога се злоупотребува. Затоа што во идејата мора да се верува, за таа да биде вистина.

Слични Објави