ИСТОРИСКИОТ БАРАЖ МАКЕДОНИЈА – КОСОВО ЌЕ СЕ ИГРА ВО ОКТОМВРИ?

/

Историскиот бараж помеѓу Македонија и Косово кој денеска повеќе од извесно е дека вторпат ќе биде одложен поради пандемијата со коронавирус во светот, најверојатно ќе се одигра во октомври годинава, со надеж во Нион, централата на Европската фудбалска унија (УЕФА) дека тотогаш ситуацијата ќе биде нормална и дека нема да има потреба од трето презакажување.

УЕФА денеска напладне ќе има видеоконференција со генералните секретари на 55-те национални федерации на кои работните групи формирани пред две недели ќе треба да ги претстават плановите како да се рестартира фудбалот, но без конкретни датуми за почеток, но веројатно со „отворен“ завршен рок до крај на август за националните првенства.

Тоа што веќе се најавува е дека предност ќе добијат националните шампионати да се завршат, а секоја федерација и лига ќе треба сама да реши кога е најпогодно за тоа во согласност со здравствените власти, зашто битката со коронавирусот во секоја земја е различна и проценките од епидемиолозите кога би можело полека сè да се враќа во нормала исто така се различни. Затоа УЕФА нема да поставува конкретни рокови, како на првиот состанок кога беше посочен рестарт на почеток на мај, а краен рок до 30 јуни, со тоа што 4 и 9 јуни беа резервирани за плејофот во Лигата на нации и баражите за визи за Евро 2020, меѓу кои е и мечот на Македонија и Косово во Скопје.

Англиски „Дејли Рекорд“ објави дека планот за јунските баражи веќе е нереален, за што во УЕФА се свесни, па затоа октомври би бил „идеален термин“ за одигрување на мечот, нормално повторно со услов, но и надеж дека дотогаш целата ситуација би била нормална. Ова би значело дека баражите практично би се играле на старт на новата сезона, ако актуелната која треба да продолжи заврши во јули или август.



Сепак, за конкретна одлука, ако воопшто ја има, ќе биде познато денеска после состанокот, но ваквиот расплет практично значи дека УЕФА ќе ја жртвува Лигата на нации и нејзината втора сезона за која ждрепката беше на почетокот на минатиот месец во Амсердам, а кога групната фаза би се играла, тешко е да се претпостави, од причина што идната година на програмата се мундијалските квалификации во кои еден термин, јунскиот ќе биде одложен поради презакажувањето на Евро 2020 за идното лето од 11 јуни до 11 јули.

Извор: Спорт1

Претходна статија

ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА РИГОРОЗНИ КАЗНИ ЗА ТРОЈЦА СКОПЈАНИ КОИ СЕ ШЕТАЛЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС

Следна статија

НОВИ 149 СМРТНИ СЛУЧАИ ОД КОВИД-19 ВО ГЕРМАНИЈА

Најново од Вести