Истражување на INSAIT од Бугарија меѓу најдобрите во светот на вештачката интелигенција
Истражување на INSAIT (Институт за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ беше издвоено како водечка статија на еден од најпрестижните настани во светот на вештачката интелигенција и компјутерскиот вид – Меѓународната конференција за компјутерски вид (ICCV), јавува БТА.
Развојот, наречен ObjectRelator, претставува значаен чекор напред во создавањето на системи со вештачка интелигенција кои го перципираат светот на начин поблизок до човечкиот. Моделот нуди нов пристап за препознавање и разбирање на објекти независно од гледната точка – како од перспектива на човечкото око (егзоцентричен изглед), така и од надворешна камера (екзоцентричен изглед). Додека за луѓето оваа способност е природна, за современите ИИ системи таа претставува сериозен предизвик. Повеќето водечки модели за компјутерски вид, како SAM и SAM2, функционираат само со слики од една перспектива. ObjectRelator го надминува ова ограничување, отворајќи можности за нови примени во роботиката, виртуелната и дополнетата реалност, како и во развојот на интелигентни агенти кои можат да пренесуваат знаења меѓу различни гледни точки.
Проектот е резултат на заедничка работа меѓу научници од INSAIT, Швајцарскиот федерален технолошки институт во Цирих (ETH Zurich), Универзитетот Фудан во Шангај и технолошката компанија Ant Group, која опслужува над 1,3 милијарди корисници и 80 милиони трговци ширум светот.
