Италијанскиот амбасадор во Бугарија отвори изложба во БАН по повод 800 години од смртта на Свети Франциск
Изложбата „Свети Франциск. Историјата на едно лице“ беше отворена во историската зграда на Бугарската академија на науките во Софија и ќе биде достапна за посетителите до 30 ноември 2026 година, соопшти Амбасадата на Италија во Бугарија.
Изложбата ја отвори италијанскиот амбасадор Марчело Апичела. Организатори се Амбасадата на Италија и Италијанскиот културен институт во Софија, под покровителство на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и во соработка со CMS.Cultura од Болоња.
Поставката, чии кураторки се Ливија Фикорони и Џулија Фортунато, преку слики од крајот на XIII век до денес го проследува животниот и духовниот пат на Свети Франциск, покровителот на Италија. Опфатени се неговото свртување кон верата, повикот да го следи Христос, љубовта кон сиромашните и пораките за мир, сеопшто братство и хармонија со природата.
Апичела истакна дека изложбата е дел од одбележувањето на 800 години од смртта на Свети Франциск и претставува можност за зајакнување на културните врски меѓу Италија и Бугарија.
„Преку ликот на светецот од Асизи се исцртува културен и духовен мост меѓу Истокот и Западот“, се наведува во соопштението на Амбасадата.
Во објавата се посочуваат и заедничките духовни вредности на Свети Франциск и Свети Иван Рилски Чудотворец, покровителот на Бугарија: повлекувањето во самотија, смирението, откажувањето од материјалните добра и хармонијата со природата и со живите суштества.
Во рамките на придружната програма, на 23 октомври во Бугарската академија на науките ќе се одржи предавање на монсињор Франческо Браски, заменик-префект на Амброзијанската библиотека, насловено „Малиот брат Франциск – брат на сите, великан на човечноста и верата“.
Настанот е дел од Неделата на италијанскиот јазик во светот. Преку најраните извори и современи сведоштва, Браски ќе го разгледа ликот на Свети Франциск во денешен контекст, со цел да ги надмине стереотипите и поедноставувањата и да ги претстави различните димензии на неговиот животен и духовен пат.
