| |

Ива Михаилова пред БНТ: Кога јавно се изјаснив како Бугарка, тогаш започна малтретирањето

Ива Михаилова, против која се води судска постапка во Основниот суд во Кочани, побарала да учествува преку видеоконференциска врска на денешното рочиште, на кое се очекува да бидат разгледани две вештачења изработени по барање на нејзината одбрана. Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Михаилова зборуваше за својата здравствена состојба, лекувањето во Бугарија и за, како што тврди, постојаниот надзор и притисоците на кои била изложена во Кочани.

Во интервјуто со новинарот Иво Никодимов, Михаилова изјави дека нејзиниот адвокат поднел барање до судот за нејзино онлајн учество во постапката.

„Не, мојот адвокат поднесе барање да можам да учествувам онлајн оттука. Така што очекуваме да видиме дали обвинителството и судот ќе го прифатат нашето барање и јас да се вклучам онлајн“, изјави Михаилова.

Таа се осврна и на двете вештачења изработени по барање на нејзините адвокати во Северна Македонија, кои, според неа, ја потврдуваат нејзината невиност.

„Ти си детално запознаен со нив, бидејќи се приложени кон предметот уште пред неколку месеци, на самиот почеток. Да, досега сум ги прочитала двете вештачења повеќе од сто пати и двете ја покажуваат мојата невиност и трагите од другиот автомобил во мојата сообраќајна лента. И сè многу јасно се гледа. Така што се надевам дека вистината на крајот ќе победи“, рече Михаилова.

Во однос на здравствената состојба, таа изјави дека лекувањето во Бугарија започнало пред три до четири недели, а неодамна почнала и со рехабилитација. Според неа, засега не може да се предвиди колку долго ќе трае закрепнувањето.

„За жал, имам трајни последици што ми пречат во секојдневниот живот и во моментов се обидуваме да ги надминеме со лекарите тука. Причината е токму недостигот од рехабилитација, која со месеци ми ја одбиваа во Кочани“, изјави таа.

Михаилова посочи дека има проблеми со ‘рбетот, ограничувања во движењето и трнење на екстремитетите. Според нејзините зборови, дел од последиците ќе останат трајни, а доколку лекувањето во Бугарија не ги даде очекуваните резултати, постои можност да биде упатена на понатамошно лекување во Израел.

„Веќе има последици и тие ќе останат. Дури ми рекоа дека и со интервенција нема начин да се промени трнењето на екстремитетите и некои други работи. Ако лекарите тука не успеат да ми помогнат, ќе ме упатат во Израел“, рече Михаилова.

Во интервјуто таа изнесе и тврдења дека во последните месеци од престојот во Кочани била изложена на постојано следење од полицијата и безбедносните служби.

„Да. Колку што се сеќавам, во последните месеци, последните три-четири месеци, постојано ме следеа, секој ден. На сите можни начини. Како што веќе сум кажувала, полиција постојано пред мојот дом, претреси во куќата, дронови. Кога излегувам некаде, секогаш има човек што ме следи. Дали е од полицијата или од службите, сеедно. Едноставно, секогаш има некој“, изјави Михаилова.

Таа оцени дека ваквите постапки претставувале психолошки притисок врз неа и тврди дека не добила одговор од внатрешната контрола на полицијата, иако поднела пријава.

„Сега тоа го доживувам како психичко малтретирање од нивна страна, за некако да ме скршат, кога ќе се навратам и ќе размислам за сè што правеа. Не можам да разберам зошто го правеа тоа. Постојано незаконски влегуваа во мојот дом. Кога поднесовме барање до внатрешната контрола да дознаеме зошто и како, така и не добивме одговор. Три месеци подоцна, сè уште немаме одговор“, рече таа.

На прашањето кога започнале ваквите постапки, Михаилова одговори:

„Кога јавно се изјаснив како Бугарка, тогаш започна целото малтретирање од нивна страна.“

Говорејќи за заминувањето од Кочани во Бугарија, таа изјави дека нејзината главна цел била да добие лекување и да се врати дома.

„Со желбата за слобода, за лекување и за тоа да бидам дома, го постигнавме она што го сакавме“, изјави Михајлова.

Таа посочи дека во моментов никој од Северна Македонија не се обидува директно да стапи во контакт со неа, но дека добива пораки преку социјалните мрежи. Според неа, дел од пораките се навредливи, за што ги обвини и медиумските известувања во Северна Македонија.

„Не се убави работите што ми ги пишуваат, инаку. Бидејќи македонските медиуми дваесет дена по ред толку многу ги свртеа и македонскиот и албанскиот народ против мене и против Бугарија, што беше ужасно. Претпоставувам дека сите сте забележале. Толку многу лаги беа напишани и толку многу високи функционери изнесоа лаги, што тоа ги надминува сите граници“, изјави Михаилова.

Слични Објави