| | |

Изборите во Скопје: Европа на пеналот

Пишува: Бојко Василев за 24 часа

Еден предизборен клип на СДСМ кажува многу вклучително и за т.н ,,Б” комплекс.

Фудбалерот во боите на РС Македонија прави чудесии со топката. Додека дриблира, бугарскиот играч со жештина го тегне за дресот. Но тој не запира, поминува покрај француски фудбалер , ја прескокнува шпагата на грчки фудбалер и стигнува речиси до гол линијата. Таму џентлменски му ја остава топката на Димитар Ковачевски. Поранешниот премиер кажува неколку реплики, зема залет и ја шутира топката во празниот гол под моќната поддршка на трибините.

Така изгледа предизборниот клип на СДСМ на Македонија-умерената проевропска партија.
Пораката е јасна, инсистираме на ЕУ до крај.

Во секоја една земја во оваа Унија, ваква кампања би била невозможна. Ако тоа е умерено што да кажеме за идниот победник во изборите 2 во 1 за претседател и парламент, ВМРО – ДПМНЕ? Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски тврди дека европскиот услов , внесувањето на Бугарите во Уставот, може да биде предоговорен, доволно е само другите земји од ЕУ да го испратат бугарскиот претставник да испие едно кафе. Тоа не е нешто ново, што се појавило после т.н вето. Во последните 30 години го гледаме во најразлични форми.

Како што ми кажа еден пријател од Скопје пред една година, без тоа не може. Ако не кажеш нешто лошо за Бугарите е исто како да не си водел кампања. Дури и умерените луѓе го прифаќаат тоа како природна појава. Така било, како да го запреш дождот?

Што направи Бугарија ? Анализата ќе покаже дека низ годините таа имала различен пристап. Од пријателство до соработка, преку игнорантен однос до конфронтација. Понекогаш некој кај нас ќе се разбуди и ќе повика на промена на пристапот: Да ја внесеме економијата во односите , да комуницираме, да имаме поврзаност, да отвориме медиуми, да ја оставиме историјата назад.

Сето тоа бугарската држава го направила или барем се обидела. Но, ,,Б” комплексот како што вели големиот писател Младен Србиновски, така и не исчезнува. Бугарската надворешна политика никогаш не ја гледала РС Македонија како непријателска, па дури и како најобична соседна земја. Токму затоа од 1990 година историјата на нашите билатерални односи е историја на пријателски гестови само од едната страна: Признавањето, улогата на претседателот Желев во тоа Русија и Турција да ја признаат Македонија, помошта за време на грчкото ембарго, помошта за време на кризата во 2001 година, подарените тенкови и топови, дипломатската помош вклучително и за Преспанскиот договор.

Благодарност не е барана, ниту е дадена. Добрите зборови се реткост. А гестови од другата страна нема. Не велам дека Бугарија немала грешки, напротив, таа многу тешки ги објаснува дури и своите најдобри намери, но би спорел за тоа дека виновниците на ситуацијата се во подеднаков број од двете страни на границата.

Во Бугарија мислењата се различни. Дури и за историјата се дебатира со голема жештина. Од другата страна тоа е невозможно. Во Скопје го маргинализираат ( зборот е премногу мек) секој што ќе каже дека Софија има право за нешто. Оправдувањата се случуваат на четири очи: ,,Нели гледате сега не е моментот, дајте да почекаме , меѓу нас речено е така , но не можеме да го кажеме јавно, разберете не “.

Јас разбирам. Повеќе од век Бугарија е непријател а тоа е многу време. Во пост југословенското пространство сѐ уште владее самодовербата од тоа време. Треба да се однесуваме со ЕУ така сеедно тие сакаат да дојдат кај нас а не ние кај нив. Зошто да и обрнуваме внимание на Бугарија на која и се потсмевавме пред 50 години? Ние играме со големите. Американци, Германци, Руси, Кинези. Го разбирам и тоа. Но има праг после кој ,,Б” комплексот и неговите политички злоупотреби треба да се смират. Прагот се нарекува ЕУ. Унијата нема директни алатки да ги менува општествата . Има надеж дека тоа ќе се случи преку исполнување на условите а тоа од своја страна да ги направи луѓето поподносливи и добри. Но тоа не работи така, ако самиот не сакаш да се промениш. За тоа ќе најдеме докази во самата Унија и во самата Бугарија.

Потребно е лидерство, не само политичко туку и интелектуално. Давањето ишарети дека изборите ќе поминат и дека власта ќе го омекне ставот кон Бугарија ( вклучително ВМРО-ДПМНЕ која пред четврт век беше обвинувана во пробугарски симпатии ), веќе не е доволно. Ти си тоа што го зборуваш во кампањата. Зборовите имаат значење. Мудриот лидер не го вели тоа што после треба да го голта. Силниот лидер треба да застане наспроти ветрот а не да го гали општеството според насоката на неговите инстинкти. Овде Бугарија може да помогне раскажувајќи го своето искуство. На влезот во ЕУ, Бугарија ги среди своите односи со сите соседи , Грција, Турција, вклучително и со тогашна Република Македонија.

Беа донесени мачни одлуки, многу од нив против волјата на мнозинството во општеството. Тоа што го одложи тогаш, не го реши ни до денеска. Не тргна да прави финансирање со државни пари блокбастери со кои да ги иритира комшиите. Покажа почит кон сите во ЕУ кон соседите и дури и кон тие најмалите. Некаде успешно, некаде не. Но и покрај сѐ се зачува консензусот на општеството за Европа .

Секој еден европски услов и помогна на Софија. Не разбирам зошто тоа да не се случи и за Скопје. За жал, не гледам такво мислење таму. Велам за жал, бидејќи сонувам да бидеме заедно во обединета Европа. За тоа одговорноста лежи во политичката елита на РС Македонија и нивното општество. Време е тие да се запрашаат дали тие сакаат да станат дел од ЕУ или само тоа е консензус кај Албанците? Дали не вреди во името на тоа да го смениме правецот на вековната инерција?

Никој не сака од вас да станувате Бугари, прашањето е сосема друго, дали сакате да станете Европејци?

Не велам дека ние сме станале Европејци, кажувам само што значи да бидеш Европеец: Почит, трпеливост и љубопитност кон другиот.

Толеранција кон неговите мисли и чувства, откажување од намерните провокации. Потребно е и лидерство што ќе го осигура сето тоа, дури со цената на неколку проценти од рејтингот.

Сега му е времето!

Има една вистина во предизборниот клип на СДСМ, голот навистина е празен. Но ако со тебе завладее омразата можеш да не погодиш и на празен гол.



Слични Објави