ИЗБРКАНИОТ РАБОТНИК ОД ЈП БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ: „ДИРЕКТОРКАТА МИ РЕЧЕ ДА СОБЕРАМ НАЈМАЛКУ 5 ГЛАСА, АКО САКАМ ДА ОСТАНАМ НА РАБОТА“

Пред два дена на 12 август нашиот портал објави скандалозни print-scren-ови на кои се гледа како директорката на ЈП Билјанини извори, г-ѓа Гордана Јованоска „пријателски“ го потсетува веќе поранешниот вработен во јавното претпријатие Борче Мурџоски, дека неговата сопруга не излегла на гласање за време на локалните и претседателските избори во Охрид.

Ние побаравме изјави од засегнатите страни. На нашата покана прв одговори г-нот Мурџоски. Неговата изјава ви ја пренесуваме во целост:

„Два дена пред изборите помина директорката на работното место и ми даде задача да соберам најмалку пет гласа, ако сакам да си ја задржам работата. Во текот на наредниот ден бев приморан да и приложам 5 лични карти како доказ, по што бев приморан да ги испратам. Јас сум родител на едно дете и друго ми е на пат што друго да направам…

Дента на изборите ми се јавуваше постојано и ми викаше да излезам да гласам. Попладне добивав и закани, бидејќи ја известиле дека не била жена ми да гласа и во тој момент ми пиша и и’ се јави на жена ми со закана, ако не излези да гласа ќе ме избрка од работа. Цела вечер бевме мета на закани и притисоци.

А што се однесуваа на делот за парите има 3800 денари прекувремени сати кои не ми ги исплатија и тоа го имам зачувано. Не сум барал пари и не сум ја уценувал само си ги барав своите пари“- изјави за нашиот портал избрканиот работник од ЈП „Билјанини извори“, Борче Мурџоски.

Вчера преку службениот e-mail на ЈП „Билјанини извори“ побаравме изјава од директорката Јованоска, но за жал не добивме одговор. Изгледа одговорните лица не го виделе e-mailot или не сакаат да се занимават повеќе со случајот.

Порталот „Трибуна“ и стои на располагање на г-ѓата Јованоска со цел да се слушне и нејзиниот став околу случајот.