Изгубената крстоносна војна на МАНУ

///

Пишува: Атанас Величков

Време е ВМРО-ДПМНЕ јавно да го обелодени името на кандидатот за претседател на РС Македонија, што ќе го поддржи на претседателските избори во 2024 г. Рано е, има уште две години до изборите, но навистина веќе нема смисла во напорите на академикот и претседател на МАНУ Љупчо Коцарев да се претставува во јавноста, како последниот човек на браникот против бугарските „провокации“.

Нема никаква логика во тоа, академик со научна биографија за поздравување, преку медиумите (најчесто дневниот весник „Нова Македонија“) да шири бутафорен патриотизам. Повикувајќи се на цитати од светски и научници од РС Македонија, обелоденувајќи нецелосни факти, пренесени на тенденциозен начин, Коцарев самиот се девалвира. Ако цената за таа шоу програма е номинација за претседателски кандидат на ДПМНЕ, тогаш навистина е време претставата да заврши. Веќе видена е и не нуди ништо револуционерно како приод и резултати. Научник, којшто е апсолутен дилетант во историјата, како научна материја, дели лекции и очекува пофалба од некого заради своите патриотски напори, да им го покаже „местото на Бугарите“.

Тие што ги критикуваат (во одредени случаи со право) некои бугарски научници дека не излегле од комунистичкиот начин на делување, исто како нив, продолжуваат да ја водат играта. Нема ниту еден микрон напредок од старите и излитени флоскули. Бугарите се главниот непријател на многувековниот македонски идентитет. Тоа што не успеале Бугарите да го направат за 100 години, сега ќе го направеле со притисок од Европа. Ваквите безобразни глупости, можат да се конкурираат само со приказните, кои им се раскажуваа на членовите на ОМО Илинден во Бугарија, за валидноста на Букурешкиот мировен договор од 1913 г. и за признавањето на македонското национално малцинство во Бугарија, откако Бугарија стане дел од ЕУ.

Ваквите приказни, доаѓаа до ушите на заведените души од ОМО Илинден од некои „научни“ и не дотолку научни кругови од Скопје. Ги ширеа луѓето, кои беа на директен линк, со научници од МАНУ, политички активисти и разни други авантуристи. Најтрагикомична беше ситуацијата со тврдењето, најчесто на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес дека Букурешкиот договор имал рок на траење некаде до 2000-та година, па ќе престанел да биде валиден и Македонија ќе се обединела.

Ваква слична глупост во својот последен напис, објавен во „Нова Македонија“, напиша и академикот Коцарев. Како што вели тој „Св. Климент и Св. Наум се извори на македонската традиција и македонскиот идентитет“. Потоа академикот пушта една отровна стреличка преку која сака да ни каже дека именувањето на Софискиот универзитет во 1905 г, „Свети Климент Охридски“ е „дел од вековни осмислени дејства“, имајќи ја предвид денешната ситуација.

Што сака да ни каже авторот? Бугарите уште пред 117 години, знаеле дека, ќе дојде до ситуација на политичката карта на светот да се појави земја Македонија, чии политички и научни елити, ќе претендираат за Св Климент и многувековен македонски етнички идентитет, па со време сакале да си го присвојат. Сакале да го побугарчат изворот на македонската традиција и македонскиот идентитет.

Јавноста овде се разбира треба да знае, дека работите не стоеле баш така. Софискиот универзитет е отворен на 1 октомври 1888 година. За неговото создавање огромна сума на пари даваат двајца големи бугарски трговци и банкари Евлоги и Христо Георгиеви од Карлово, родното место на апостолот на бугарската слобода Васил Левски. Големиот финансиер, трговец и банкар од Карлово, Евлоги Георгиев, исполнувајќи го тестаментот на својот брат Христо Георгиев, донирал и оставил во аманет место од 10.200 метри квадратни и 6.800.000 златни лева за изградба на зграда и одржување на Вишето училиште во Софија.

Вишето училиште во Софија, што подоцна ќе стане Софиски универзитет, е тесно поврзано и со Македонија. Таму за прв човек и ректор пет пати е избиран големиот филозоф и педагог Иван Ѓоргов од Велес. Ѓоргов е основач и прв претседател на Македонскиот научен институт создаден во 1923 г. во Софија. Никој пред и после овој голем научник и општественик не бил избиран 5 пати за прв човек на првата и најреномирана бугарска високобразовна институција.

Ѓоргов не е единствениот бугарски професор со потекло од Македонија што бил ректор на Софискиот универзитет. Таков бил познатиот професор Љубомир Милетич од Штип, кој ги запишува спомените на познатите војводи и дејци на ВМОРО во директни разговори со нив, како нивен современик. Проф. Милетич е еден од основачите на МНИ во Софија и е главен уредник на еден од најважните извори за ВМОРО и Илинденско-Преображенското востание, а имено едицијата „Материали за историята на македонското освободително движение“ составена од 11 книги, што биле издадени во периодот 1925-1931 г. во Софија.

Научниот опус на проф. Милетич е огромен, неговиот колега Коцарев го знае тоа, но удобно го пропушта ова име и неговите активности.

Други бугарски научници со потекло од Македонија што биле ректори на Софискиот универзитет се:



Проф. д-р Александар Станишев од познатиот кукушки род Станишеви. Врвен бугарски хирург и масон. Министер за внатрешни работи и народно здравје во 1944 г. Осуден на смрт од бугарските комунисти и стрелан на 1 февруари 1946 г.

Проф. д-р Димитар Силјановски од Крушево. Врвен бугарски правник, претседател на Македонскиот научен институт и учесник во Првата светска војна.

Академик Благовест Сендов роден во Станимака Бугарија. Математичар. По мајчина линија потекнува од познатиот род од Банско- Ушеви. Бил претседател на БАН и претседател на Бугарското народно собрание.

Проф. д-р Бојан Биолчев роден во Софија. Бугарски филолог и литературен критичар. Потекнува од познатиот прилепски род Биолчеви.

Сета ова информација е јавно достапна и лесно може да се провери. Но, академикот Коцарев, пишувајќи ја колумната објавена во „Нова Македонија“ немал намера да навлегува толку детално во темата за бугарските коварни планови со универзитетот во Софија и неговото преименување во „Св. Климент Охридски“. Неговата цел била само да пушти уште едно црвче во главите на неговите фанови, за тие да имаат нова муниција „во борбата против Бугарите“.

Ова некој го продава како патриотизам долго време. Бескомпромисно, плитко и лесноварливо. На јавноста овде и останува само слепо да верува во тие глупости и полувистини. Ако не верувате, вие не сте патриоти. Ако не го оценувате, ваквиот тип на пропаганда исто така. Претседателот на МАНУ си дозволува да падне на многу ниски гранки, во провалија од која нема да го спасат ни цитатите од странските научници, на кои упорно се повикува.

Работата навистина оди во непознат правец. Со секој поминат ден, лагите, стануваат се потрагикомични. Од тоа современиот македонски идентитет нема никаква корист. Имаат корист само оние, кои сега допрени до ѕидот, се обидуваат да си го спасат името, бидејќи нивните лаги, облечени во толкувања и наративи излегуваат на површина.

РС Македонија веќе е независна земја и нема потреба од пароли и извици, како на партиска собиранка на комунисти и прогресивни елементи. РС Македонија има потреба од вистински научници, а не од агитатори и пропагандисти заглавени во времето пред и по Резолуцијата на Информбирото од 1948 г.

Најбрутален е моментот, кога точно тие научници, со таквата матрица, се повикуваат на XXI век и на нивното исконско право да продолжуваат со ширењето на истите лаги и пропаганда. Живееме во време кога одредени историски извори се дигитализирани и се на еден клик на компјутерскиот „глушец“ за да бидат видени, но тоа не им пречи на научниците од ковот на Коцарев, Ќулавкова и др, да продолжуваат со нивната проѕирна агенда. Пет минути слава и лажната претстава дека тоа е патриотизам. Не! Ние набљудуваме едно најобично ширење на лаги полувистини и фантазии, заради личниот интерес на група научници, кои се подготвени на сè за да излезат од непопуларноста на нивниот чисто стручен научен ангажман. Кој би се заинтересирал за достигнувањата на Коцарев од областа на физиката, техничките и компјутерските науки? Кој би се заинтересирал за поетските или чисто теориските остварувања на академик Ќулавкова во доменот на книжевноста? Тие дисциплини не носат популарност. Бугарија и Бугарите се далеку поинтересна тема. Нема како да биде поинаку во Македонија, бидејќи Македонија и Бугарија биле, се и ќе бидат поврзани. Исто како во заветите на брачните парови- во добро и лошо, во болест и здравје, во богатство и немаштија…



Претходна статија

МПО – 100 години македонските Бугари во САД се борат против македонизмот и за независна Македонија

Следна статија

Во Софија без превод!?

Најново од Истакнато