ИЗГУБИВМЕ И ОД КОМАРЦИТЕ

Изгубивме и од комарците. Има еден бугарски виц, што го кажуваат самите Бугари на своја сметка, што божем потекнува од времето на втората светска војна, односно од времето на бугарското учество на страната на фашистичката оска, против сојузничка Англија. Вицот оди вака: „Наште самулети една седмица го бомбардират Лондон и оште не са се врнали, ште направјат од Лондон гардина за картофи“.

loading...

Така и Град Скопје им објави војна на комарците и – ја изгуби. Крв тече до колена од раните на граѓаните. Градот нападна четири пати со тешката авијација и тоа, според меѓународните конвенции, со недозволени средства – хемиско оружје, од кое во класична војна нема куртул, што значи – сите умираат.

Изгубивме и од комарците. Но, во оваа војна на нашиот Град ниеден непријателски војник нема загинато. Сите напаѓаат со острите бајонети и задаваат рани што чешаат и прават пликови. Се шлапа народот по образите, по вратот, по рацете, по нозете, како во некој дервишки занес. Ечи Скопје од „аплаузот“ за комедијата што му ја приреди Градот на својот град и на граѓаните. Останаа разочарани провинцијалците што навалија од мочурливите делови на земјава по градски живот во Скопје.

Во ваква апсурдна ситуација си даваат кураж сите тие што тврдат дека авионите не прскаат против комарци, туку го сеат корона вирусот. Оди сега ти докажи дека комарецот не е исто што и вирусот, па колку сакаат лекарите да демантираат – веќе никој не ги слуша, се прават масовни собири, бидејќи „од лагите што ги кажуваат на телевизија полудевме во изолација“. Џабе ни беше влезот во НАТО-та, кога и најголемиот военополитички сојуз не може да му помогне на Градот во оваа изгубена војна. Јадат бе брат!

Кај се парите???
Е сега, можеме да си помислиме две работи: можеби комарците мутираат како вирусите од групата САРС – Ковид. Па така никава хемија не може да ги уништи, или е пукано со „ќорфишеци“ за само да се заплаши непријателот. Авионите што брчат во раните утрински часови го креваат народниот морал. Создаваат гордост дека имаме силна држава и авијација и никој не се буни што останува ненаспан. Што би рекол Стевче: „Нико нам ништа не може, јачи смо од судбине!“ Ама, цената меѓу ќорфишеците (маневарска муниција) и вистинските боеви куршуми е огромна. Кај се парите??? Што вели тендерот?

Градот го прати следново соопштение:

„ Поради изразената влага во вегетацијата која придонесува за поголемо размножување, во консултација со надлежните здравствени служби, Градот Скопје донесе одлука во вторник (25. август) да спроведе вонредно прскање на комарци. Дезинсекцијата, Градот Скопје ја спроведува според сите светски и европски стандарди. А, средството што се користи е од најдобриот светски препарат, производство на Бајер – Германија. Исто така, прскањето и растворањето на средството се врши согласно упатството на производителот, а под надзор на комуналните служби на градот.“!

Да се крсти човек, Дојран пред Скопје!
Луѓето се прашуваат дали да му веруваат на ова образложение, зашто имаше и други повлажни години, во време на поплавите во Стајковци на пример, па немаше вакви добро организирани роеви. Во повлажните региони, како околината на Дојран, туристите не се жалат, туку ни се смеат нам што страдаме на територијата на Скопје. Имено, стигнуваат вести дека во Дојран – нема комарци и дека навечер се седи раат на отворено. Да се крсти човек, Дојран пред Скопје!


loading...

Дали надзорниот орган при растворањето гладал добро и знаел што да гледа. Можеби се работи за пропуштени термини за прскање за вистинско време. Минатите години имаше доцнење во прскањето, па ларвите не беа уништени на време. Кој знае? Човек во оваа држава може сешто да си помисли, затоа што има изгубено доверба во се!

И со 67 милиони денари- комарциве ниако да ги уништиме.
На наше барање, Градот ни одговори:

Годинава прв пат се распиша јавна набавка со траење од две години, поточно за прскање во 2020 и 2021 година. Годинава беше поделена на два дела, а вкупната сума чини околу 67 милиони денари.
Првиот дел е за Набавка на средство за уништување на возрасни форми на комарци и средство за уништување на ларви од комарци, која ја доби Друштво за производство, трговија и услуги ПРИМАТЕКС Бранка ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.

Јавната набавка за Авионска апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и авионска апликација на средство за уништување на ларви од комарци, ја доби Друштво за воздушен транспорт АЕРОКЛУБ СКОПЈЕ ДОО Чучер Сандево.
Површината која треба да се опфати со третирањето е околи 15.000 хектари од едно прскање.
Досега се спроведени четири фази од авионски дезинсекција против ларви од комарци, четири фази од авионска и терестрична дезинсекција против возразни форми на комарци, а утре ќе се изврши и вонредно прскање.

Благодарност до PR-от на Градот за одговорот и за љубезноста, ама уште касаат и се чешаме!

Автор: Бране Стефановски/Мagazin.antoris.mk