Изложба „Бесарабските Бугари во архивски документи“ организирана во реонот Тараклија, Молдавија
Изложба на историски документи под наслов „Бесарабските Бугари во архивски документи“ беше претставена на 29 октомври во реонот Тараклија, Молдавија, по повод Денот на бесарабските Бугари, јавува БТА.
Изложбата се организира првпат, на иницијатива на Националната агенција за архиви на Молдавија, во соработка со Реонската архивска служба во Тараклија, предводена од директорката Марина Јуровскаја, и со новинарот, писател и родољуб Димитар Боримечков.
На изложбата беа претставени архивски документи, фотографии и сведоштва поврзани со историјата и културата на бесарабските Бугари. Материјалите прикажуваат одделни периоди од развојот на бугарските населби во Бесарабија, образованието и културниот живот, како и придонесот на личности со бугарско потекло кон историското и културното наследство на Молдавија.
Според Националната агенција за архиви, една од целите на иницијативата е документарното наследство поврзано со историјата и културата на бесарабските Бугари да ѝ биде претставено на пошироката јавност. Посебно внимание им се посветува и на младите, преку истакнување на значењето на архивските документи како извор за проучување и зачувување на историското сеќавање.
Организаторите посочуваат и дека ваквите настани придонесуваат за промовирање на историјата и културата на бесарабските Бугари, за заштита на документарното наследство и за зајакнување на соработката меѓу институциите што се грижат за зачувување на историското сеќавање.
