Изложба во Ќустендил го претставува архитектонското наследство од двете страни на Осогово
Изложбата „Старите градски куќи раскажуваат приказни“, посветена на архитектонското наследство на Бугарија и Северна Македонија, беше отворена во музејот „Емфиџиева куќа“ во Ќустендил, јавува БТА.
Поставката опфаќа 13 објекти од Ќустендил, Дупница, Крива Паланка и Кратово, изградени во втората половина на XIX и почетокот на XX век. Покрај архитектонските особености, изложбата ги претставува и семејните приказни поврзани со куќите.
Раководителката на проектот Ани Истаткова истакна дека развојот на претставените домови бил обликуван од три главни фактори – „патот на капиталот“, „патот на идеите“ и „патот на мајсторите“.
Директорот на Регионалниот историски музеј во Ќустендил, Валентин Дебочички, посочи дека изложбата е резултат на заеднички прекуграничен проект за зачувување на културното наследство и развојот на туризмот.
Градоначалникот на Ќустендил, Огњан Атанасов, нагласи дека поврзувањето на историјата, културата и архитектурата создава привлечен туристички производ, особено кога обединува објекти од двете страни на границата.
Проектот е финансиран преку програмата „Интеррег VI-А ИПА Бугарија – Северна Македонија 2021–2027“, а во него учествуваат музеи и културни организации од Ќустендил, Дупница, Крива Паланка и Кратово.

