Изложба во Видин одбележува 55 години од основањето на ансамблот „Дунав“
Изложба посветена на 55-годишнината од основањето на Ансамблот за народни песни и танци „Дунав“ е отворена во Државниот архив во Видин, Бугарија. Поставката содржи документи за основањето на ансамблот, фотографии од неговиот прв концерт и значајни признанија, а ќе биде достапна за посетителите до 31 декември, јавува БТА.
Изложбата ја организираат Државниот архив – Видин и Општинскиот културен институт „Дунав“, во рамките на одбележувањето на 75 години од создавањето на државниот архивски систем во Бугарија и 66 години од основањето на архивот во Видин.
Меѓу изложените материјали се службена белешка и записник од 1971 година за основањето на ансамблот, наредби за првите конкурси за уметници и фотографии од првиот концерт во 1972 година. Поставката ја претстави главната експертка во архивот, Габриела Стојчева.
Во витрините се изложени и рекламни плакати, грамофонски плочи со снимки за Бугарската национална телевизија, како и дел од највредните признанија на ансамблот – златен печат со сертификат, кристални и сребрени награди.
„Архивистот не чува само документи, тој го чува паметењето на институциите, општеството и генерациите“, рече раководителката на Државниот архив – Видин, Јорданка Костова. Таа нагласи дека зад секој документ стои приказна, а зад секоја зачувана страница – одговорност кон иднината.
На отворањето присуствуваа претставници на локалната власт и на културни институции, уметници и граѓани. Заменик-градоначалничката за хуманитарни дејности и социјална политика, Борислава Борисова, прочита поздравно обраќање во име на градоначалникот Цветан Ценков.
„Додека архивистите, далеку од рефлекторите, го чуваат нашето вредно документарно наследство и државноста, уметниците од ансамблот ‘Дунав’ на сцената ги оживуваат магијата и живото богатство на бугарскиот фолклор. Заедно го чувате паметењето за нашето потекло и ги учите нашите деца да се гордеат со своите корени“, се наведува во обраќањето.
Директорката на Општинскиот културен институт „Дунав“, Јулијана Димитрова, им се заблагодари на сите раководители, уметници, музичари и танчари што ја граделе историјата на ансамблот од неговото основање во 1971 година до денес.

