Изложба за старите градски куќи од Ќустендил, Дупница, Крива Паланка и Кратово
Изложбата „Старите градски куќи раскажуваат приказни“, посветена на архитектонското и културното наследство на Ќустендил, Дупница, Крива Паланка и Кратово, ќе биде отворена денеска во 17:00 часот во Општинскиот музеј во Дупница, јавува Пиринско.
Поставката е создадена во рамки на прекуграничен проект во кој учествуваат Историскиот музеј во Дупница, Регионалниот историски музеј во Ќустендил, Градскиот музеј во Крива Паланка и здружението „Пеонија“ од Кратово.
Изложбата претставува куќи од XVIII и XIX век и објекти од почетокот на XX век, а ги истражува и културните врски во регионот преку три тематски целини – „Патот на мајсторите“, „Патот на капиталот“ и „Патот на идеите“.
Посебно е прикажано влијанието на мајсторите и резбарите од Дебарската уметничка школа, како и трговските и образовните врски што придонеле за спојување на ориенталски и европски елементи во архитектурата и ентериерот.
По Дупница, изложбата ќе биде поставена во Крива Паланка и во Кратово.
