| |

ВМРО ќе им оддаде почит на Иван Михајлов и Тодор Александров на 5 септември

Панихида во спомен на поранешните водачи на ВМРО, Тодор Александров и Иван Михајлов, ќе се одржи на 5 септември од 14:00 часот над селото Сугарево, во Мелничко, во Пирин Планина, соопштија од ВМРО, пренесува Dnes.bg. Годинава се навршуваат 102 години од смртта на Александров и 36 години од смртта на Михајлов.

Церемонијата ќе се одржи кај параклисот „Св. Илија“, каде што се наоѓаат гробовите на Тодор Александров и Панзо Зафиров.

Според најавата на организаторите, ќе бидат положени венци и свежо цвеќе, а ќе биде одржанa и почесна стрелба. Новите членови на ВМРО ќе положат заклетва, за која од партијата наведуваат дека е посветена на „верно служење на бугарската кауза во Македонија“.

На одбележувањето ќе учествуваат и учесниците во традиционалниот поход „По стапките на Тодор Александров“, кој секоја година се организира пред поклонението.

Присуство е најавено и од претседателот на ВМРО Красимир Каракачанов, членови на раководството на партијата, симпатизери и официјални лица.

Од ВМРО соопштија дека по церемонијата Каракачанов ќе упати политичка порака до претставниците на институциите и политичките партии во Бугарија, со посебен осврт на положбата на лицата во Северна Македонија кои се изјаснуваат како Бугари.

Партијата тврди дека тие со години се изложени на „институционален, вербален и физички притисок“.

Во најавата ВМРО го посочува и случајот со Ива Михајлова, за која партијата тврди дека е задржана во Кочани и дека со месеци не ѝ е овозможено потребното лекување. Од ВМРО наведуваат и дека Михајлова е обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа без доволно докази и дека ѝ биле одземени документите.

Овие наводи се ставови изнесени од ВМРО во најавата за настанот.



Слични Објави