ИЗЛОЖБАТА „СКУЛПТУРИ НА НОВОТО ВРЕМЕ 2019“ ПРЕД ПРИЛЕПЧАНИ

Во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 9. август со почеток во 20 часот ќе биде отворена биеналната изложба на скулптура „Скулптури на новото време 2019“.

На изложбата ќе учествуваат автори од цела Македонија, меѓу кои и Емил Солески, Марјан Стојаноски, Методи Исков, Филип Перески и Давид Атанасоски . Ќе бидат претставени скулптури работени во повеќе различни материјали како и во повеќе скулпторски техники.


„ Биеналната изложба на скулптури „Скулптури на новото време 2019“ во своето јубилејно десетто издание ја сублимира севкупната идеја на оваа изложба – хетерогеноста и богатството на современиот скулпторски израз во којшто сè е дозволено: во поглед на употребата на материјали со коишто се изработуваат скулптурите но и во однос на пристапот кој варира од класичното разбирање на улогата на скулптурата во просторот до концептуалниот приод со употреба на ready-made материјали, па дури и некои обиди за комбинација на технологијата во служба на изработка на кинетичка скулптура.

Ако кон ова се додаде и возраста на авторите којашто варира од најстарите до најмладите генерации и соочувањето на повеќе академски скулпторски школи на едно место, добиваме една збирка на дела вредна за почит и внимание, многу ретка на овие македонски изложбени простори. Се надевам дека овие констатации ќе бидат препознаени и од пошироката публика и ликовна стручна јавност, ако не повеќе барем како едно сведоштво за моменталната состојба на македонската скулпторска сцена. Впрочем, тоа е и носечката идеја на овој проект – континуирано следење на новата продукција и нејзино презентирање пред пошироката јавност.“ – Роберт Цветковски, историчар на уметноста.