Измама – кој мами и кој треба да биде измамен
Facebook статус на Никица Корубин
Употребата на финтите во политиката го дефинира ставот за политиката на тој што ги употребува. Колку повеќе финти, толку помалку став, а повеќе страв од политика и занимавање со неа. А, бидејќи политиката е прашање на знаење, тоа би можело и да се “преведе” колку помалку знаење за политиката и во политиката, толку повеќе потреба од финти. А, знаеме дека финтата всушност е класична измама.
И со таква измама нашата “јавност” во континуитет не’ занимава, со легитимирање на секакви измислици или рециклирање на старите. Најновата доаѓа, очекувано, од страна на опозицијата – бидејќи таа е стандардната парламентарна позиција за тестирање на истите – во однос на “толкувањето” на Законот за влада и обврската за избор на техничка влада.
“Ставот” на опозицијата, дека тие имаат само обврска да предложат министри во техничката влада, а не и да гласаат за нив е класична финта за изигрување на законот и на неговиот целосен контекст, кој ми ги освежи сеќавањата од мојот пратенички мандат, кога се употребуваа идентични финти – во една прилика, на седница за поставување на пратенички прашања, времето определено за поставување на прашање до владата се искористи (злоупотреби) за говор без прашање, бидејќи деловникот предвидувал само право, но не и обврска за поставување на прашање.
Тоа всушност значи, дека законите и правилата се доживуваат како препрека која треба да се прескокне, а не правило кое треба да се почитува. Терет кој не може да се издржи, па се посегнува по финти. А, вистинскиот “терет” е всушност демократијата, владеењето на правото и вака поставениот систем. Дали финтите низ годините, кои кулминираат изминативе години, всушност го предизвикуваат самото демократско уредување на Македонија?
Затоа што повикување на “устав и закон” преку нивно делегитимирање, дезавуирање и обесмислување; преку селективно читање на делови од член и целосно вадење од контекстот на намерата на одредбите, апстрахирање од самите себе си (и пратениците од опозицијата се законодавна власт), со тенденција за делегитимирање на цел процес поради кој се бира техничката влада; директно не’ води до прашањето: ако почитувањето на законите е прашање на избор, а не на обврска, дали и практикувањето на законите е прашање на избор, а не на обврска? Затоа што знаеме дека и најлошиот закон е подобар од беззаконието, кое со “законските финти” се навестува.
Ако ја следиме логиката на овие најнови финти, бидејќи законот е универзален за сите, очекувам опозицијата да ја повика и позицијата на идентично толкување на законот, и само да ја почитува “обврската за предлагање на технички министри”, но не и обврската за избор на техничка влада. Па, барем циркусот да биде комплетен, секако сите се прилично вешти во “почнати, а недовршени работи”, а особено во неисполнување на меѓународни обврски по договори кои не се почитуваат. Па, зошто власта да биде “дискриминирана”, vis a vis паушалното “толкување” на законите?
Звучи лошо и несериозно? Се разбира. Дури и како фикција и претпоставка, а не како реалност која ни се наметнува. Реалност која се проектира. Реалност на обесмислување на уставната поставеност на државата, преку површни финти, кои алудираат на јасна тоталитарна и авторитарна свест, со никогаш прежалениот комунистички шмек: една партија, една држава. Партијата uber alles. Партија која ги адаптира законите, партија која владее, партија која доминира и заробува. Затоа што не е никаква фикција, туку соголена реалност, дека одлуките се носат на партиските извршни комитети и одбори, а не на седниците на владата и собранието. На нив само се имплементираат.
Затоа да се вратиме на почетокот. Кој треба да биде измамен на крајот? Граѓаните или меѓународната заедница? И за што е измамата? За исходот на изборите или за “исходот” до изборите? Како ќе изгледаат избори и особено предизборна кампања на земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ, со нивна осуда и делегитимирање од стартот?
Изборите на техничката влада се мамката, изборниот процес е таргетот, ама крајната цел е позицијата на државата. Која до изборите и не треба да изгледа како земја членка на НАТО и земја кандидат за ЕУ. И тоа е јасната и видлива последица на неизгласувањето на уставните измени. Многу тешко ги прими нашата “јавност” заклучоците на советот на ЕУ, каде што само Северна Македонија од сите 6 земји од Западен Балкан има отворен пат за ЕУ. Па, мора да се вадат сите финти (и особено “финтаџии”), за да се затвори и тој пат.
Ова е време на “паѓање на маските”. Тешко е за нив, тешко е и за нас граѓаните. А, кога еднаш ќе падне маската на демократ и европеец, нема враќање назад. И со сите расположливи финти и простор за нив, останува соголен анти-демократ. По диктат или по слободен избор, со фронт или без него, сеедно. Европејството е прашање на став, а не на потреба. Предизвикот е пред нас, спремни или не, мора да се соочиме со него.