Извршени разговори со родителите: се утврдува дали е жртва на семејно насилство 16-месечното дете со хематом на главата и скршеници
Социјалните служби и полицијата и денес не кажуваат како е повредено 16-месечното дете од Струга кое со хематом на главата, скршеници на градите и на надлактицата заврши на интензивна нега на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Министерството за труд и социјална работа за „Макфакс“ вели дека утврдува дали се работи за семејно насилство.
„Стручните лица од Центарот за социјална работа извршија првични разговори со родителите на детето и останатите членови од семејството. Во тек е сумирање на добиените информации со цел утврдување дали се работи за семејно насилство или не“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Целиот случај е пријавен и во Обвинителството, но од полицијата во Охрид, каде што било пријавено повреденото 16-месечно дете, и денес не споделуваат со јавноста како настанале повредите.
„По насока на јавен обвинител полицијата работи на расчистување на случајот“, кусо изјавија од СВР Охрид за „Макфакс“.
Детето со тешки телесни повреди во неделата претпладне од Струга било однесено во болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид. Лекарите кои биле на смена му пружиле помош, откриле дека има хематом на главата, скршеници на градите и на левата надлактица како и други повреди по телото и го испратиле на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Директорката на Клиниката за детска хирургија, Славица Литајковска, за „Макфакс“ изјави дека детето е во стабилна состојба, сместено на интензивна нега со закажана операција на левата надлактица за денес. При прегледите, директорката Литајковска рече дека утврдиле дека кај детето хематомот на главата не е единствен туку дека има и стари хематоми, од претходни повреди.