|

Јане Ченто и Вили Михајловски по шест години во затвор прв пат добија слободен викенд

По 6 години откако беше притворен и затворен, по настаните во Собранието на 27 април, Јане Ченто за првпат е на слобода. Тој доби слободен викенд.

Јане Ченто беше пречекан од голем број негови пријатели од Прилеп кои се собраа да поразговараат со него.

Вилијам Михајловски на својот Фејсбук профил објави фотографија со баба му и напиша дека таа го дочекала да го види и ќе го дочека и кога конечно ќе излезе на слобода.

Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13 годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието. Предметот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега претседателка на Уставниот суд.

„Лично сакам вие судијке Кацарска и овој совет да ме судите, а не политичките елити кои го донесоа законот за селективна амнестија. Сакам да кажам дека доверба имам само во вас, зашто најмногу вие сакате да се дознае вистината за овој настан и да има правда. Точно е дека сме влегле во Собранието понесени од емоции, ама треба да се утврди точно кој што направил. Но само вие имате право да не судите и никој друг, а најмалку политичарите, и тоа во недокрај завршена постапка. Време е да докажеме како држава дека има владеење на правото. Јас нема да поднесам барање за амнестија, вие судете ме и кажете дали сум виновен или не”, рече Ченто, кој беше еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието во декември 2018 година. Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која потоа ја потврди и Апелација.

Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Покрај 15 обвинети во овој предмет, амнестирани беа уште 10 други лица опфатени во помалите предмети кои се однесуваа на учество во толпа.



Слични Објави