ЈАНКУЛОСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО: СОВЕСТА МИ Е ЧИСТА

Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во своите завршни зборови пред судот во случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на незаконското прислушување и уништување на опремата од УБК, рече дека совеста ѝ е чиста, а делото за кое ја гонат не го сторила. Таа посочи дека судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни таа, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушување не е поткрепена со ниеден доказ.

loading...

„Почитувани членови на судечкиот совет, евидентен е притисокот што се прави во провладините медиуми, за да објави вест дека има напредок во реформите во правосудството, дека има подобра статистика, дека има уште една затворска казна за поранешен функционер. Пред вас е предизвикот да им одолеете на притисоците, праведно да ги изведете доказите и да ја задоволите правдата. Не дозволувајте нечија желба за политичка одмазда да ја потисне правдата. Мојата совест е чиста, кривичното дело за кое ме обвинува јавниот обвинител не сум го сторила. Единствена пресуда што ќе ја задоволи правдата е ослободителна пресуда“, рече Јанкулоска обраќајќи му се на судот.

Таа посочи дека е жртва на прислушувањето бидејќи нејзините телефони биле постојано слушани.

„Теоријата на јавниот обвинител не е поткрепена баш со ниеден доказ. Јас лично сум една од жртвите на овој монструозен процес. Фактот што јавниот обвинител не ми дозволи да се приклучам кон кривичното гонење не ги побива исказите на сведоците, кои рекоа дека моите телефонски броеви биле следени 24 часа на ден, иако од ниеден документ што ми бил доставен и од ниедна комуникација што сум ја имала не укажувало на тоа. Сите сведоци недвосмислено потврдија дека од документите не произлегува оти предмет на уништување би била конкретна опрема ниту, пак, решението упатува на тоа“, додаде Јанкулоска.

Јанкулоска посочи дека ниту правниот сектор ниту лично таа знаела што ќе се уништува во МВР бидејќи решението за формирање комисија било донесено за попис, а не по секоја цена да се уништи опрема.

„Јас имам најмалку мотив да помогнам за овој монструозен чин за масовно кршење на човековите права. Јас и моето семејство претрпевме и сè уште трпиме последици од незаконското прислушување. Тоа почна со прислушувањето и воајерско објавување на комуникациите. Присутни се и денес кога многу мои права се ограничени. Имам многу силен мотив овој скандал да се расчисти еднаш засекогаш и сторителите да бидат казнети. Тоа е една мала, но не е незначајна сатисфакција на жртвите. Во мојот случај, наместо сатисфакција, добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна. Јавниот обвинител стави акцент на отежителни околности кога ќе се изрекува казната“, додаде Јанкулоска.



loading...

„Општествено-политичкиот амбиент во 2015 година, гледан од денешна перспектива, изгледа многу поинаку од тоа како изгледаше тогаш. Од тогашната перспектива ОЈО-ГОК, во чие име денес се и овие јавни обвинители во судницата, имаше друга теорија на случај за незаконското прислушување. Имаше и правосилна пресуда и не се предвидуваше дека ќе се формира СЈО и ќе заврши како што заврши. Впрочем, и Ѓорги Лазаревски посочи дека тогаш бил побаран системот што сега е уништен со сите материјали во него, но барањето било одбиено“, посочи Јанкулоска во своја одбрана објаснуваќи дека вина има и кај правосудните органи бидејќи системот не бил одземен пред да е уништен.

Таа посочи дека и сведочењата и доказите пред судот се во нејзина корист.

„Нема дилема дека решението за формирање комисија во УБК е донесено по предлог и барање на УБК, а не по налог и насока на министерот. Ова решение било донесено во сосема вообичаена постапка. Сведокот од правниот сектор на МВР, Весна Доревска, наведе: ‘Една од основните обврски е да водам сметка за тоа што се доставува на потпис да има законски основ и да има основаност за потпишување, и тоа не само во овој случај, туку, генерално, како служба должни сме и секако се грижиме за содржината и формата, за сè што е поврзано од правен аспект. Значи, тоа треба да биде целосно проверено заради себе и заради министерот’“, рече ексминистерката.

Јанкулоска наведе и дека не знаеле оти станува збор за систем за следење комуникации и дека правниот сектор не дал такво известување до неа.