|

Јапонец половина век чека извршување на смртната казна, сега му е одобрено ново судење

Јапонец, кој ја чека смртната казна веќе половина век, доби повторно судење. Според независната организација за човекови права „Амнести интернешнл“, Ивао Хакамада, кој сега има 87 години, е осуденик на смртна казна со најдолг стаж во светот.

Тој беше осуден на смрт во 1968 година за убиство на својот шеф, неговата сопруга и нивните две деца во 1966 година. Поранешниот професионален боксер се изјаснил за виновен по 20 дена испрашување, во кое, како што тврди, бил малтретиран. Подоцна пред судот го повлече признанието, пишува Би-би-си.

Јапонската полиција традиционално се потпира на признанијата на обвинетите за да ги изведе пред суд, но критичарите предупредуваат дека признанијата често се изнудени. Во новото судење судиите ќе разгледаат дали ДНК од крвта пронајдена на облеката што наводно ја носел убиецот се совпаѓа со ДНК на Хакамада. Неговите адвокати тврдат дека не одговара и дека доказите против него се измислени.

Во 1966 година Хакамада имал триесет години и во тоа време се повлекол од боксот откога бил рангиран на шестото место во перо-категорија во Јапонија. Се вработил во фабрика за преработка на храна во градот Шимзу, а истата година во јуни газдата, неговата сопруга и децата биле пронајдени избодени до смрт.

Во 2014 година Хакамада бил ослободен од затвор и му било одобрено повторно судење пред окружниот суд, кој утврдил дека инспекторите можеби подметнале докази, но таа одлука подоцна била поништена од Вишиот суд во Токио. Адвокатите потоа поднесоа жалба и беше одобрено ново судење.

„Овој ден го чекав 57 години. Конечно, товарот ми се симна од плеќите“, изјави сестрата на Хакамада, Хидеко (90), која со години водеше кампања во име на својот брат. Но, процесот на повторно судење може да потрае со години доколку обвинителите се жалат.

„Не можеме да си дозволиме дополнително да го одложиме лекувањето на Хакамада, која сега има 87 години и боледува од ментални и физички заболувања по поминати 47 години во затвор“, рече Мотоџи Кобајаши, шеф на Јапонската адвокатска комора.



Слични Објави