|

Јапонија загрижена поради заедничките руско-кинески воени активности близу нејзината граница

Јапонија е сериозно загрижена поради заедничката активност на руските и кинеските вооружени сили во близина на нејзините граници, се вели во годишниот извештај на јапонското Министерство за надворешни работи објавен денеска.

„Заедничките активности на кинеските и руските вооружени сили во близина на јапонската граница предизвикуваат сериозна загриженост во однос на безбедноста на Јапонија“, се вели во јапонската Дипломатска сина книга.

Според јапонското МНР, Русија и Кина ја зајакнале воената соработка во последните години со заеднички воени вежби со бомбардери и патроли со воени бродови во близина на Јапонија.

Руското Министерство за одбрана во повеќе наврати во минатото нагласуваше дека таквите вежби и патроли се спроведуваат во строга согласност со меѓународните закони, тврдејќи дека тие не го нарушуваат воздушниот простор на трети земји.

Претходно во понеделникот, откако Пекинг одржа тридневни воени вежби околу Тајван, Токио изрази загриженост и ја истакна важноста на мирот во Тајванскиот теснец на состанокот на високи јапонски и кинески претставници.

Во текот на разговорите фокусирани на загриженоста околу спорните води во Источното Кинеско Море, Токио го повика Пекинг да го спречи влегувањето на бродовите од кинеската крајбрежна стража во јапонските територијални води.

„Ја пренесовме нашата длабока загриженост за ситуацијата во Источното и Јужното Кинеско Море и ја нагласивме важноста на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, се вели во соопштението на јапонското МНР.

Токио протестира и против минтогодишната изградба на два нови објекти во Источното Кинеско Море каде што Кина изградила повеќе од десетина платформи за истражување на гас западно од еквидистантната линија меѓу двете земји.

Областа нема официјална граница.

Во текот на разговорите во понеделникот, кинеските власти ги критикуваа неодамнешните „негативни потези“ на Јапонија по прашањата за Источното и Јужното Кинеско Море, островите Диаоју (Сенкаку) и Тајванскиот теснец, соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг.

Бродовите на крајбрежната стража на двете нации редовно се конфронтираат во водите околу островите познати кои се под контрола на Јапонија.

Пекинг, исто така, побара Токио да се воздржи од мешање во проблемот со Тајван и да престане со реториката и делата со кои го нарушува територијалниот суверенитет на Кина, и ги поткопува нејзините поморски права и интереси.

 

Слични Објави