| |

Јотова: Априлското востание е сонот за слобода, за своја татковина, за држава, за рамноправност и независност

Претседателката на Бугарија и врховен командант на бугарските вооружени сили Илијана Јотова ја поздрави почесната гарда по повод одбележувањето на 150-та годишнина од избувнувањето на Априлското востание во 1876 г. Во својот говор бугарската претседателка ја истакна улогата на градот како симбол на бугарската револуција и духовен центар на востанието. „Панаѓуриште не е само слободољубивото срце на бугарската револуција – тоа е престолнината на востаната Бугарија“, изјави Јотова, пренесува БГНЕС.

Според неа, Априлското востание е израз на најдлабоките стремежи на бугарскиот народ: „Тоа е сонот за слобода, за своја татковина, за држава, за рамноправност и независност – оној неудржлив порив кон возобновувањето на Бугарија.“

Јотова потсети дека токму по улиците на Панаѓуриште во 1876 година „се слуша гласот на бугарското воскресение“ и дека иако слободата била доживеана „само за миг, само за десет дена“, тој миг останува „целa вечност“ во националната меморија.

Во своето обраќање таа акцентираше и на историските факти околу создавањето на револуционерна власт. „Уште во првите денови на востанието тука се создава привремена влада, а над неа се вее бугарското знаме со златниот лав“, рече претседателката.

Јотова им оддаде почит на хероите на востанието, нагласувајќи дека тие се обединети од една заедничка кауза. „Ги поврзува Бугарија – припадноста кон еден народ и една идеја за слобода. Тие ја презреа смртта за да даруваат слобода на другите“, изјави шефицата на државата.

Таа потсети и на трагедијата што ги придружувала настаните: „Го знаеме ликот на запаленото Панаѓуриште – домови, училишта, храмови, срамнети до темел, за повторно да се роди градот – уште посилен и породољубив.“

Шефицата на државата повика годишнината да биде не само повод за почит, туку и за размислување. „Да се обидеме да погледнеме низ очите на нашите предци, да се измериме со нив и да се разбереме себеси. Само така можеме да чекориме напред заедно“, рече таа.

Илијана Јотова го цитираше Захари Стојанов, кој го определува Панаѓуриште како град што се претворил во бесмртност. „Поклон пред жртвите и хероите од април 1876 година. Поклон пред апостолите и мачениците. Да живее Бугарија!“, заврши шефицата на бугарската држава.



Слични Објави