Јотова: Бугарските компании се рамноправен дел од развојот на Европа и светот
Бугарските компании денес се рамноправен дел од оние што придонесуваат за развојот на Европа и светот, со самодоверба и исклучително добри резултати. Ова го изјави претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на 19. издание на конкурсот „Менаџер на годината“, одржан во Софиската опера и балет, јави БТА.
Јотова истакна дека Бугарија веќе има компании со високо ниво на технолошки развој, квалитетна организација на работата и стручни тимови.
„Да не ја гледаме повеќе Бугарија само како место за инвестиции и логистика. Веќе сме во следната фаза, во која можеме да создаваме мултинационални компании со квалитетни производи што ќе бидат пример за другите во светот“, нагласи таа.
Според бугарската претседателка, неопходно е подобро усогласување на образованието со потребите на бизнисот, како и поголеми инвестиции во науката и претприемништвото.
Таа посочи дека Бугарија не треба да се задоволува со улога на изведувач или подизведувач, туку треба да се стреми кон водечки позиции, особено во високите технологии, информатиката и вештачката интелигенција.
Јотова нагласи и дека успешното управување не зависи само од големината на компанијата, туку и од способноста на раководството да создаде мотивиран тим и да поттикнува нови идеи.
На свеченоста, бугарската претседателка ѝ ја врачи наградата „Менаџер на годината 2026“ на Кристина Георгиева од компанијата „КолПоинт Њу Јуроп“ ЕАД.
Конкурсот, кој традиционално го организира списанието „Менаџер“, ги наградува претприемачите за нивните достигнувања и примената на добри практики во управувањето со компаниите во Бугарија.
