Бугарија подготвува нова мерка за вработување млади луѓе со бугарско потекло
Бугарија подготвува нова мерка наменета за млади луѓе со бугарско потекло кои студираат во земјата и веќе се приспособиле на животот во неа. Ова го најави министерката за труд и социјална политика Наталија Ефремова за време на форумот „Европа е со мене“, организиран во Софија во рамките на програмата „Развој на човечките ресурси“ на Министерството за труд и социјална политика на Бугарија, јави БТА.
Министерката објасни дека мерката ќе биде насочена и кон лица кои сè уште немаат бугарско државјанство, но имаат бугарско потекло. Како пример ги посочи Бесарабските Бугари.
„Би сакале да ги поканиме да останат во Бугарија и да се вклучат на пазарот на трудот“, изјави Ефремова.
Таа соопшти дека во програмата „Ја избирам Бугарија“ досега се вклучиле 1.600 Бугари кои се вратиле од различни делови на светот со цел да најдат работа и да обезбедат подобар и помирен живот во својата татковина.
Според Ефремова, повратниците не се населиле само во големите градови, туку дел од нив избрале да живеат и во помали населени места. Таа додаде дека овие лица успеале да најдат работа или да започнат сопствен бизнис.
Министерката информираше и за друга мерка со која се поддржува внатрешната мобилност на населението. За само неколку дена биле поднесени повеќе од 150 барања за користење на оваа поддршка.
Условот за учество е лицата да се населат во место со помалку од 50.000 жители. Целта, според Ефремова, е да се спречи иселувањето и намалувањето на населението во големи делови од земјата, како и да се создадат услови за отворање нови работни места од страна на бизнис-секторот.
Државните мерки за поттикнување на враќањето на Бугарите од странство ги поздрави генералниот директор на Генералниот директорат за вработување при Европската комисија, Марио Нава.
Тој истакна дека целта на Европската Унија е да обезбеди подобар квалитет на живот за граѓаните, вклучително и пристап до основните услуги. Според Нава, напорите се насочени кон создавање можности за вработување и обезбедување достоинствени плати.
За време на форумот беше прикажан и документарен видеоматеријал за Бугари кои се вратиле во земјата со поддршка на програмата „Ја избирам Бугарија“.
Денислав Тинчев, еден од корисниците на мерката, ги објасни причините поради кои одлучил да се врати во својата татковина од странство.
Градоначалникот на Чирпан, Ивајло Крачолов, истакна дека и малите градови можат да понудат перспектива за младите семејства. Тој нагласи дека локалните власти ги поздравуваат ваквите иницијативи.
Меѓу главните теми на форумот се и промените на пазарот на трудот и поддршката за вработените, спречувањето на детската сиромаштија, развојот на долгорочната грижа за постарите лица и други прашања од областа на социјалната политика.
