Јотова од Петрова нива: Бугарија ќе ги штити правата на Бугарите во Северна Македонија
Бугарија нема да ги напушти Бугарите во Република Северна Македонија и ќе продолжи да се залага за нивните права, изјави бугарската претседателка Илијана Јотова на одбележувањето на 123-годишнината од Илинденско-преображенското востание во историската област Петрова нива, пренесува БГНЕС.
Јотова истакна дека заедничката историја на Бугарија и Северна Македонија не треба да биде причина за поделби.
„Денес во Република Северна Македонија се зборува за Бугарите, а нашата историја е заедничка. Што имаме да делиме?“, рече таа, повикувајќи ги политичарите и општеството да му се спротивстават на говорот на омраза.
„Нема да се откажеме од вас и ќе ги браниме вашите права – правата на секој човек. Ова не е политичка декларација. За мене, ова е вистинското толкување на заветот на илинденците, кои знаеја дека само преку единство можеме да имаме слобода, државност и слобода за секој човек“, изјави Јотова.
Во своето обраќање таа ја нарече Петрова нива „тракиското Обориште“ и место што ги обединува поколенијата околу заедничката историска меморија.
„Петрова нива не е само историско место. Таа е дел од светата бугарска земја. Нашите предци безусловно ја исполнија својата заклетва кон родот, татковината и отечеството“, рече Јотова.
Таа потсети на жртвата на учесниците во Илинденско-преображенското востание од 1903 година и на краткотрајното постоење на Странџанската Република.
„Не можеме да ги заборавиме тие 20 дена слобода. Не можеме да ја заборавиме Странџанската Република. Таа беше задушена во крв, напатената бугарска земја беше покриена со гробови без крстови, но тука воскреснуваше Бугарија“, изјави претседателката.
Според неа, историската меморија треба да им се пренесува на следните поколенија, а почитта кон минатото треба да биде придружена и со одговорност кон сегашноста.
„Не е доволно само да зборуваме. Треба да ги помниме минатото и битките што се воделе, но истовремено да гледаме кон иднината“, рече Јотова.
Пред комеморативната церемонија, во храмот-костурница „Света Петка“ беше отслужена заупокоена молитва во спомен на загинатите учесници во востанието.
