Јотова се сретна со бугарската црковна заедница во регионот на Стразбур
Бугарската претседателка Илијана Јотова го посети храмот на бугарската црковна општина „Св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт“ во Ешо, во близина на Стразбур, каде што се поклони пред моштите на Света Софија, Света Вера, Света Надеж и Света Љубов, јавува Радио Бугарија.
Јотова ја поддржа идејата на Западно- и Средноевропскиот митрополит Антониј моштите да бидат донесени во Софија за празникот на градот следната година. За иницијативата претстои средба на митрополитот со архиепископот на Стразбур.
Моштите се чуваат во римокатоличката црква во Ешо, каде што биле подарени во 777 година од римскиот папа на епископот на Стразбур.
За време на посетата Јотова беше пречекана од митрополитот Антониј, отец Георги и градоначалникот на Ешо Ив Сиблон. Таа им се заблагодари на домаќините за грижата за бугарскиот православен храм, кој е духовен центар на бугарската заедница.
