„Печатот на Тервел“ вечерва ќе биде претставен во Генералниот конзулат на Бугарија во Њујорк
Режисерот и продуцент Пламен Петков вечерва, 17 септември, од 19:00 часот по локално време ќе го претстави документарниот проект „Печатот на Тервел“ во Генералниот конзулат на Бугарија во Њујорк, САД, соопшти дипломатското претставништво на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.
Проектот е посветен на бугарскиот владетел Тервел, кого организаторите го опишуваат како владетел „кој ја спасил европската цивилизација“.
На средбата ќе бидат прикажани снимки и материјали од проектот, како и дел од новите научни откритија поврзани со истражувањето.
Во центарот на филмот е оловниот печат на Тервел, стар околу 1.300 години, кој се чува во Вашингтон. Пристапот на двајца Бугари од Харвард до артефактот бил почетна точка за меѓународно истражување во кое се поврзуваат историјата, археологијата, анализата на древна ДНК, ласерското скенирање и 3Д-технологиите, наведуваат од Генералниот конзулат.
Според екипата на проектот, филмот го следи влијанието на новите научни методи врз археологијата и ги разгледува откритијата што би можеле да придонесат за нови сознанија за потеклото на Бугарите, родот Дуло, Мадарскиот коњаник, Плиска и најраните векови од историјата на Бугарија.
