| |

Како тоа „Мѣра според мѣра” стана „Мяра споредъ мяра”?

Недјалко Бакалов, специјално за Трибуна

Месец по 122-годишнината од Илинденско-Преображенското востание, Бугарската национална телевизија повторно ги емитуваше трите дела од филмската класика „Мера според мера“. Се покажа – за да се одбележи 80-годишниот јубилеј на Руси Чанев, косценарист на филмската епопеја заедно со режисерот Георги Дјулгеров. Чанев во 1981 година ја создаде улогата на својот живот, целосно претворајќи се во ликот на митскиот Дилбер Танас. Тој, пак, е главен јунак во книгата на Свобода Бачварова „Литургија за Илинден“.

За непријатно изненадување, сигурно не само мое, „Мера“-та овојпат беше емитувана со превод, како да е филм на странски јазик. Прекрасниот, песнопоен ениџевардарски говор на комитите се слушаше некако пригушено, а одоздола течеше нескопосан „превод“. Да потсетам, јазичен консултант на филмот е професорот Благој Шклифов, роден во костурското село Черешница, автор на потресната книга „На кол вода пиевме“, кој загина во мистериозна сообраќајна несреќа за време на научна мисија во Егејска Македонија. „Мера според мера“ ја гледав првпат како студент во търновското кино „Полтава“ и сè разбрав – до последниот збор. Ликовите зборуваа старински и прекрасен бугарски дијалект, македонски, но многу сличен со мојот роден источноропски.

Од тогаш наваму некој постојано се обидува да го расипе ремек-делото на Чанев и Дјулгеров. Направија седумсеријална, разводнета верзија со предолги монолози на главните ликови. Меѓу нив чудно се издвојува Јане Сандански – контроверзна личност, како што денес би рекле за такви луѓе во Вардарска Македонија. Градот со чудното име Свети Врач беше преименуван по оној, за кого проф. Божидар Димитров сакаше да каже дека е „говедо, но бугарско говедо“. Субтитрите се уште една лажица катран во бурињата со стар, миризлив мед. Најверојатното објаснување на „дрвените глави“, како што би рекол мојот пријател Младен Србиновски, е дека денешните млади и повозрасни гледачи тешко разбираат што зборуваат тие Бугари од старо време. И одоздола течат натписи, како да гледаш бледата македонско-бугарска трагикомедија „Преспав“. А во македонистичката воденица се полнат преполни кофи вода.

И во филмскиот промашај „Трето полувреме” пуштаа превод кога зборуваше полковник Гарванов, нарекуван во одделни епизоди Гавранов. Тие јунаци правеа отворена халтура за епскиот натпревар „Македонија” – „Левски”, уништен, по стара традиција, од неуспешните бугарски судии. Денешните „титлувачи” се обидуваат да профанизираат едно дело од филмската класика. Стигнале дотаму што го „препејуваат” дури и завршниот монолог на главниот јунак:
„Чобан Танасе, дильбер Танасе, немтур Танасе, си жив ти бре?!”

Што не разбравте од таа поплака, што треба да се напише за да се „преведе” таа човечка болка?
Алкохолот и високото образование не простуваат, вели една современа бугарска поговорка. Завршувам со долги и тажни три точки…



Слични Објави