Календар на омразата!
Пишува: Владимир Перев
Во оваа Македонија во која е родена и живее мојата генерација а и оние после неа, работите секогаш така почнуваат. Прво се почнува со прослава, чествување на мртвите, паднатите во вековната борба за слобода, независност и просвета. Потоа доаѓа редот да се чествуваат и живите на самата прослава, кои за волја на вистината, барем повеќето од нив, не се воопшто заслужни за тие придобивки. Потоа живите “плукаат“ по нашите веќе одамна умрени непријатели, враќајки се назад во историјата, сосе багажот што го носат од новото време во кое одраснале и се оформиле како општествени и политички личности. Борбата на живите е да го заземат, после својата смрт, местото на мртвите во македонскиот Пантеон на мартиризмот. Сето тоа се повторува секоја година, по точно утврден календар и со очајот на публиката која одново и сѐ одново присуствува на некаква несреќна репетиција на маестралниот филм “Денот на мрмотот“ на Харолд Рејмис со Бил Мари и убавицата Енди МекДауел. Само, овде нема романтика, ова е политика, брутална и безмилосна.
Новогодишните и Коледните празници поминуваат релативно мирно, а месецот февруари е месец на затишје, кога народот се трезни и си ги пребројува парите преостанати од јануарските прослави, а партиите и професионалните политичари земаат време за залет. Доаѓа Осми март, денот на жената, но и вечното неразрешено прашање за депортацијата на евреите, македонските и тракиските, во логорот Треблинка. Политичарите од сите фели, а и дел од дежурните јавувачи по утринските програми на македонските телевизии, на висок глас и со патриотски тон ја опсипуваат соседна Бугарија со обвиненија и навреди за нејзиното учество во депортацијата. Ние македонците, дури дискретно се јавуваме и како застапници, бранители на тракиските евреи од бугарскиот “фашизам“, без оглед на тоа што половината народ не ни знае каде е Тракија и што таму се случувало. На половина пат меѓу Тракија и Македонија се наоѓа Солун од каде се депортирани 50 илјади евреи, ама за тоа не се говори. Таму не биле бугарите, а кај грците и германците, или немало фашизам-нацизам, или ние не смееме да говориме за тоа. Најважно е да се каже нешто друго, ама…никој не сака да говори за македонските цивилни лица-колаборационисти со германците (и бугарите), кои ги предале списоците на членовите на еврејската заедница кај нас, за акцијата на депортација да се одвива за една ноќ, без никакви пречки и отпор. Тие лица се познати. Биле во органите на српската власт во Македонија, како и во органите на грчката власт во Тракија. Подоцна, истите тие, биле дел од бугарските власти во двете области.
Основното прашање е, зошто никој не помогнал на несреќните луѓе. Слушаме приказни за херојските партизани-комунисти кои низ Србија и македонија формирале дури и органи на власта, додуша илегални, ама знаеме и дека српските четници, во тој период се бореле против германците и бугарите на српска територија. Не пукнала ниту една пушка во одбрана, не ставиле ниту една мина на возовите кои оделе кон Треблинка. А сите знаеле што се случува.
Македонските, грчките и бугарските “патриоти“ добро разбрале нешто друго. По депортацијата на евреите се пријавиле кај “окупаторската“ бугарска власт, со молба да учествуваат в поделбата на имотот, т.е. пленот од депортираните евреи. Долги се списоците на тие кои во бесценица купувале еврејски мебели, огледала, кристали, сребрени прибори за јадење, постелнини па и куќи, што дури и бугарската држава се заинтересирала и интервенирала против тој организиран грабеж. Во Скопје пак, градоначалникот Спиро Китинчев, во еврејските куќи ги сместил бегалците од балистичките насилија во Галичкиот крај. Не знам дали платиле некаков надомест, но тој платил со животот. На комунистите им требаат жртви, затоа што тие самите малку жртвувале овде во Македонија, барем така мислеле Тито, Темпо и Моша Пијаде. Но неколку жртви на Воениот комунизам не можат да го избришат срамот на нашата рамнодушност кон судбината на евреите, како и нашиот мародерски менталитет.
Потоа доаѓа 15 јуни, злосторот во Ваташа. Сите не потресе песната за Ваташа, така експресивно отпеана од Андријана Јаневска. Тука нема дилеми. Се работи за воено злосторство! Воениот командант на единацата која го сторила тоа недело, подполковникот Апостолов е суден, осуден на смрт и стрелан. Логичен крај на една воена кариера, каде носителот ги надминал своите и човечките овластувања. Таков е неговиот крај, но тоа не е крајот на приказната. Интересно е дека Апостолов на судскиот процес ги признал сите дела за кои го товареле (тој имал и други обвиненија) но делото за Ваташа до последниот миг не го признал. Тврдел дека тој дејствувал во согласност со локалните власти, а наредбата стигнала од највисоки места. Има и одредени сведоштва. Останува нејасно, како кметот на Ваташа ги водел бугарските војници од куќа во куќа со список во рацете, а поддршка на бугарската војска биле и некои мештани-тројца мажи и една жена. За нив сите знаат, но никој не ја знае нивната судбина…може да се насети дека никој од нив за ништо не одговарал. Не се кажуваат ни нивните имиња, а биле соселани на убиените младинци.
Потоа доаѓа 2-ри август, Илинден, најсветлиот празник на македонскиот народ. Се работи за два Илиндена, ама оној од 1944 година, долго време беше во сенка на првиот од 1903 година.
Во Крушево главен говорник беше “другарот“ Лазо. Големи говори, силни емоции, потенцирана македонска национална самобитност, ама и тешки обвиненија за великобугарскиот шовинизам, имаше и за великосрпскиот, ама само национализам, за да има крешчендо со бугарскиот фашизам, убиствата на македонците и сличните нешта кои ги правела Бугарија овде, за само три и пол години “окупација“. Во годините до 1960-та некаде, имаше и некои од старите илинденци кои го слушаа. За оној вториот Илинден, од 1944 година не се говореше многу. немаше кој да го слуша. Сите дејци на АСНОМ беа или по Голи Оток, или во занданите на титовата Југославија, или веќе умрени од преживеаните маки.
Не сите Илинденци ги слушаа сомнамбулните говори на “другарот“ Лазо. Некои не беа прифатени. Претходно, бугарската власт 1941-44 година, на сите Илинденци им додели пензии, но новата социјалистичка власт на некои им ја укина пензијата. Во Архивот на Македонија за тоа постои обемна документација. Предедото на Игор Џамбазов и таткото на Петре Прличко, Диме Прличков како заслужен дејател на бугарската кауза во Македонија ја уживал илинденската пензија во периодот на Втората светска војна и “бугарската окупација“, тоа го знаеме сигурно, а веројатно и му ја продолжиле пензијата по војната. Но сигурно знаеме дека на Борис Паликрушев од Виница, стар илинденец, му е одбиена исплатата на пензијата во новата власт, заради неговата наклонетост кон бугараштво…а човекот го дал својот син, Кирил Паликрушев како жртва за слободата на Македонија. Младиот Кирил бил убиен од српската/југословенската полиција. Бил еден од доверените луѓе на михајловистичката ВМРО и курир на Ванчо Михајлов! Така “другарот“ Лазо ја делеше илинденската правда-во трагедијата рамноправно учествуваа сите. И старите и новите илинденци.
Конечно доаѓаат светлините од нашата борба против фашизмот-11 октомври, денот на Востанието! За тоа многупати е пишувано, но не е на одмет да се напомнат пак некои нешта. Три групи млади комунисти, некои од нив студенти од Белградскиот универзитет, го вршат “славниот“ напад на Участокот во Прилеп. Убиен е само еден бугарски полицаец, младиот Петар Колев од с. Смилево, внук на водачот на Илинденското востание, Даме Груев. Убиен е од еден од илегалците, Душан Наумовски, повратник од Крушевац, Србија. Убиецот Наумовски е пројавен криминален елемент, познат на сите во градот. Не се знае што друго прави по војната, но се знае дека животот го скончува во сообраќајна несреќа близу до Прилеп. Тогаш работел како режисер во Битолскиот театар, но интересно е дека никогаш и од никого не добил никаков орден или признание за својата “револуционерна“ дејност. Бил нешто како прокажан од своите, а причините за тоа сѐ уште се неоткриени!
Потоа доаѓаат чествувањата за ослободувањето од фашизмот на местата во Македонија, но тоа е во помал обем, а вистината за “купот убиени бугари и други фашисти“, влегуваат во доменот на нашиот фолклор.
За среќа, го прескакаме 29 ноември и лесно влегуваме во предновогодишна атмосфера и чествувања со обилни количини храна и пијалоци. Стивнува борбата на живите за местото во Пантеонот на мртвите. Потоа доаѓаат Нова година и Божик, доаѓа трезнењето и потоа почнува сѐ одново, секоја година! Вистинска спирала на омразата!
Ќе се истрезниме ли конечно?
