Калоферските гајдаџии со свој придонес за културното наследство на Р. Бугарија
Регионалниот гувернер на Пловдивската област Ангел Стоев ги награди „Гајдаџиите на Алтон Калофер“ откако беа впишани во Националната репрезентативна листа на нематеријалното културно наследство на Република Бугарија „Живи човечки богатства – Бугарија“ 2022 година, пишува „Дарик“.
Ова се случи на специјална прес-конференција на регионалниот гувернер и градоначалникот на Калофер Румен Стојанов. Националниот систем е координиран од Министерството за култура, Институтот за фолклор при БАН и се спроведува со помош на Националната комисија на УНЕСКО во Бугарија.
„Гајдаџиите од Алтон Калофер“ беа избрани да ја претставуваат Пловдивската област за влез во Националниот систем, бидејќи тоа е една многу силна кандидатура која може да не претставува пред Бугарија и пред светот, рече регионалниот гувернер Ангел Стоев. Според него, гајдата е дел од секој локален празник, инструментот е музичкиот амблем на градот, а калоферската традиција датира од 1911 година.
„Имаше три кандидатури на регионално ниво – Фестивалот на розата, Кукерите од Сушица и Гајдаџиите од Алтон Калофер. Комисијата внимателно ги разгледа трите кандидатури. Секоја има свои заслуги, но гајдаџиите победија на регионално ниво, а потоа на национално ниво станаа едно од шесте „живи богатства“, објасни Ангел Стоев.
Тој му честиташе на градоначалникот на Калофер што создал услови читалиштето да се развива на прекрасен начин и да ја исполнува својата улога на стожер за развивање и зачувување на традицијата.
„Речиси во секое семејство има континуитет до три генерации. Многу деца од градот продолжуваат да учат во читалиштето. Тоа го прави Калофер единствениот град во Бугарија, а можеби и во светот, со толку многу гајдаџии по глава на жител“, коментира градоначалникот Румен Стојанов, кој исто така е дел од фолклорниот состав на градот. Во Калофер има 3000 жители, а одржува состав од 100 гајди и истовремено го зачувува занаетот за изработка на инструментите. Тој се надева дека нивната кандидатура ќе стигне и до светската листа на УНЕСКО.
Регионалниот гувернер додели и посебни дпломи на калоферското НЧ „Христо Ботев – 1869“, кои ги примија раководителката на составот Христина Терзиева, авторот на филмот, фолклористот Мирослав Иванов и градоначалникот Румен Стојанов. Тој им се заблагодари на сите бидејќи не само што ги зачувуваат традициите, туку ги пренесуваат во иднината како живо наследство.
Ангел Стоев ги повика читалиштата, општините и музеите во Пловдивската област да бидат активни во зачувување и презентирање на традициите и се надева дека за две години, кога треба да се одржи следното деветто впишување, ќе има нови силни кандидатури од областа. Тој нагласи дека „Гајдаџиите од Алтон Калофер“ е трета кандидатура од Пловдивската област што е впишана во Националниот систем, а сите три се од општина Карлово.
