| |

Софија од 17 до 25 септември ќе биде домаќин на Европското првенство во бокс за мажи и жени

Бугарија од 17 до 25 септември ќе биде домаќин на Европското првенство во бокс за мажи и жени, кое ќе се одржи во салата „Асикс Арена“ во Софија. Ова ќе биде првиот европски шампионат под покровителство на European Boxing, јавува БГНЕС.

Свеченото отворање е закажано за 17 септември во 17:30 часот, а меѓу присутните ќе биде и поранешниот светски шампион Генадиј Головкин, актуелен претседател на World Boxing.

Бугарија на првенството ќе ја претставуваат 15 боксери – десет мажи и пет жени. Поради повреди отпаднаа Викторио Илиев и Христеа Нинова, а Илиев ќе биде заменет од Румен Руменов.

Во машката конкуренција ќе настапат Ергјунал Себахтин, Хавиер Ибањес, Радослав Росенов, Румен Руменов, Благовест Неделчев, Рами Киуан, Уилиам Чолов, Семион Болдирев, Роселин Бачевски и Кирил Георгиев. Во женскиот состав се Станимира Петрова, Златислава Чуканова, Венелина Поптолевa, Валерија Андреева и Алејна Мехмед.

Светската и четирикратна европска шампионка Станимира Петрова се враќа во рингот по двегодишна пауза.

Софија првпат ќе биде домаќин на Европско првенство во бокс за мажи. Претходно вакви шампионати во Бугарија се одржале во Варна во 1983, Пловдив во 2006 и Самоков во 2015 година. Ова е и првпат земјата да организира заедничко европско првенство за мажи и жени.

Билетите од 17 до 23 септември ќе чинат 20 евра, а за последните два дена – 24 и 25 септември – по 40 евра. Децата до 12 години ќе имаат бесплатен влез, додека за младите од 12 до 18 години е предвиден попуст од 50 отсто.

Слични Објави