Канадскиот пијанист Алан Фрејзер ќе одржи мастер-клас во Софија за методот Фелденкраис во музичкото изведување
Канадскиот пијанист, педагог и автор Алан Фрејзер ќе одржи мастер-клас во Софија од 23 до 29 септември, соопштија организаторите од фондацијата „Ад либитум“, која го организира настанот во соработка со Feldenkrais Center – Софија, пренесува БТА.
Мастер-класот е наменет за ученици и студенти од музичките училишта и академии, професионални инструменталисти, пејачи, камерни состави и диригенти, како и за аматерски хорови и ансамбли кои сакаат подлабоко да ја истражат врската меѓу движењето, техниката и уметничката изведба.
Завршниот концерт ќе се одржи во салата 1 на Општинскиот културен институт „Красно село“.
„Музичката техника се гради преку многу вежбање, но не секое повторување води до вистински развој. Ако во основата на движењето има непотребна напнатост или неефикасни двигателни навики, долгите часови вежбање често токму нив ги зацврстуваат“, наведуваат организаторите.
Според нив, методот Feldenkrais го насочува вниманието кон квалитетот на движењето и кон начинот на кој телото е организирано во процесот на музицирање.
„Преку внимателно истражување на врската меѓу движењето, перцепцијата и намерата, методот им помага на музичарите да откријат поефикасни начини за организирање на сопственото тело. Тоа природно води кон поголема леснотија во изведбата, подобра координација, посуптилна контрола врз звукот и нови интерпретативни хоризонти“, додаваат од тимот на настанот.
Алан Фрејзер е роден и израснат во Монтреал, а во 1972 година почнал да студира пијано на Универзитетот „Мекгил“.
Тој е меѓу музичарите кои систематски ги применуваат принципите на методот Feldenkrais во работата со изведувачи. Неговиот пристап ги поврзува свесноста за движењето, организацијата на скелетот и музичката техника со цел да се постигнат поголема слобода и изразност во музицирањето.
Фрејзер е основач на Alan Fraser Piano Institute и автор на повеќе книги за пијанистичката техника, меѓу кои „The Craft of Piano Playing“, „Honing the Pianistic Self-Image“ и „All Thumbs: Well-Coordinated Piano Technique“.
Тој денес живее и работи во Белград, каде што ја комбинира меѓународната педагошка дејност со практиката на методот Feldenkrais.
