|

Капацитетот за пренос на гас од Бугарија кон Романија зголемен за речиси 90 отсто

Со завршувањето на делницата Рупча – Ветрино од Вертикалниот гасен коридор, капацитетот за пренос на природен гас од Бугарија кон Романија се зголеми за речиси 90 отсто, соопшти Кирил Равначки, извршен директор на „Булгартрансгаз“, на седмата министерска средба на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка во Варшава, пренесува БГНЕС.

Бугарскиот оператор ја заврши изградбата на делницата Рупча – Ветрино минатата недела, откако во средината на годинава ја пушти во употреба делницата Кулата – Кресна. „Од вчера веќе нудиме дневен капацитет во рамките на новите технички можности на системот“, изјави Равначки.

Во Варшава, Равначки, бугарската министерка за енергетика Ива Петрова и американскиот секретар за енергетика Крис Рајт разговараа за улогата на коридорот во енергетската независност на Европа. Рајт му честиташе на „Булгартрансгаз“ за завршувањето на двата проекта.

Равначки ги повика регионалните оператори да продолжат заеднички да ги отстрануваат тесните грла на трасата од Грција кон Централна и Северна Европа, да ги усогласат барањата за квалитетот на гасот и да обезбедат услови за долгорочно користење на коридорот.

Слични Објави