Судот му го укина притворот на Игор Дашковски Стојановски, осуден за палењето на возилата на бугарската амбасада
Основниот кривичен суд Скопје му го укина притворот на Игор Дашковски Стојановски, осуден на осум месеци затвор и парична казна од 3.300 евра за палењето на две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје, јавува Слободен печат. Правосилноста на пресудата ќе ја чека на слобода, со обврска еднаш неделно да се јавува во судот.
Судот оцени дека „речиси и не постои опасност од бегство“, со оглед на тоа што Стојановски во притвор поминал околу половина од изречената затворска казна. При одлучувањето судот ги зел предвид и признанието на вината, со кое Стојановски ја прифатил одговорноста, како и тоа што не ги оспорувал фактите и коректно се однесувал за време на расправите. Судот ги имал предвид и неговите лични околности – има малолетно дете и постојано и познато место на живеење во Северна Македонија.
Од судот посочуваат дека во оваа фаза од постапката не биле понудени нови докази или конкретни околности што би го оправдале продолжувањето на притворот. Стојановски ќе мора секоја среда, од 9.30 до 12 часот, да се јавува кај надлежниот службеник во судското Одделение за организиран криминал и корупција. Мерката ќе важи најдоцна до правосилното завршување на постапката.
Возилата, кои ги користеле военото аташе и други вработени во амбасадата, биле запалени на 15 јуни 2026 година додека биле паркирани пред амбасадата. Постапката првично се водела за предизвикување општа опасност. Предметот потоа го презело Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое поднело обвинение за загрозување лица под меѓународна заштита.
