КАРАКАЧАНОВ СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ВЛАДАТА ВО БУГАРИЈА ЌЕ ПАДНЕ АКО СОФИЈА ПОПУШТИ ПРЕД МАКЕДОНИЈА ЗА ИСТОРИЈАТА
Потпретседателот на бугарската Влада и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов изјави пред новинарите од Бугарија дека две работи во активностите на бугарско-македонската историска комисија му оставаат впечаток.
Каракачанов истакна дека во македонската комисија еден член е заменет со друг кој што е на уште поцврсти позиции и од кого бугарските медиуми можат да почувствуваат ужас. Според првиот човек на бугарското министерство за одбрана тоа е лош сигнал и покажува дека македонската страна нема намера да води искрен дијалог.
„Тие продолжуваат да мислат дека некој, без разлика дали Германија САД или Брисел ќе ни изврши притисок и ние ќе потклекнеме. Тоа се сигналите што јас ги толкувам“, предупредува Каракачанов.
Каракачанов изрази надеж дека греши со овие тврдења, но додаде дека не очекува чуда од храброст од македонска страна.
Другото нешто што му оставило впечаток на Каракачанов, е тоа што споменикот на Борис Сарафов од поодамна е отстранет.
„Не можам да разберам, дури имам фотографија, како е симнат и однесев во некаков фабрички погон, каде што ќе го сечат и топат- тоа како гест за славење на заедничка историја ли да го толкуваме?“, прашува Каракачанов.
Каракачанов ги повика политичарите во Македонија да не „лежат на таа страна“ и да мислат дека некој ќе ѝ врши притисок на Бугарија.
„Политичарите во Македонија да бидат искрени и да го исполнуваат договорот, бидејќи ако не го направат тоа, не знам што позитивно можат да очекуваат од наша страна“- изјави Каракачанов пред новинарите.
Потсетуваме дека Каракачанов и минатата година изјави дека историската комисија не работи, побара поцврста позиција од Бугарија во однос на Македонија и дури најави можно повлекување на ВМРО од владината коалиција со ГЕРБ и НФСБ.
Според него Македонија само ја користи Бугарија за да добие членство во ЕУ и НАТО.