Касами најави нова автобуска станица и модернизација на јавниот превоз во Тетово
Градоначалникот на Тетово и кандидат за нов мандат, Биљал Касами, најави целосна модернизација на јавниот автобуски превоз и проширување на линиите до планинските села околу градот. Тој денеска на прес-конференција во центарот на Тетово пристигна користејќи го редовниот градски автобус, како симбол на поддршка за јавниот транспорт.
Касами потсети дека кога ја презел функцијата, урбаниот транспорт бил нефункционален, но, како што рече, во изминатиот мандат „успеале да ги придвижат работите во вистинска насока“. За наредниот период најави уште поголеми инвестиции и современ систем на превоз „кој доликува на универзитетски, културен и економски град каков што е Тетово“.
„Во следниот мандат ќе изградиме нова, модерна автобуска станица која ќе биде безбедна и интегрирана со јавниот транспорт. Ќе набавиме пет електрични автобуси и пет електрични минибуси со кои ќе ги поврземе и планинските села. Со тоа го намалуваме загадувањето и придонесуваме за почиста животна средина и развој на туризмот“, изјави Касами.
Тој најави и дополнителни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, меѓу кои поставување еколошки-зелени автобуски постојки и изградба на посебна линија за јавен превоз и велосипеди, што ќе ја поврзува универзитетската зона со центарот и Градскиот стадион.
„Сите инвестиции ги правиме без дополнително финансиско оптоварување на граѓаните. Напротив – јавниот превоз ќе биде целосно бесплатен за сите тетовчани“, нагласи Касами.
Со новата програма „Еден глас за Тетово“, Касами порача дека градот ќе продолжи да се развива и дека „Тетово нема да се врати во времето на хаосот и неодговорност“.