| |

КЦ „Иван Михајлов“- Битола со отворено писмо до дипломатскиот кор и претседателот на Бугарија: Луѓето со бугарско национално чувство се сатанизираат и се прогласуваат за државни непријатели

Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола испрати отворени писма до амбасадата на САД, амбасадите на земјите членки на ЕУ, претседателот на Р. Бугарија, амбасадорот на Р. Бугарија во Скопје и други меѓународни организации поради констатирани притисоци врз граѓаните на РС Македонија кои имаат бугарско национално чувство. Од културниот центар велат дека луѓето со бугарско национално чувство се сатанизираат и прогласуваат неправедно за државни непријатели.

Ви го пренесуваме отвореното писмо на културниот центар „Иван Михајлов“ во целост:

Почитувани,

Длабоко вкоренетите демократски традиции на Вашата земја и Вашиот интерес за многу посакуваната од нас европска иднина на РС Македонија ни охрабрија да ја споделиме со вас нашата силна загриженост за системниот административен притисок врз Македонците со Бугарско самоопределување. Овој административен притисок врз се поголем број граѓани има за цел да ги замени резултатите од нашата самоидентификација за време на тековниот попис – прв по 20 години што режимот беше принуден да го организира. Јасно е дека целта е да се создаде заблуда дека ние, македонските Бугари, сме малцинство, а не реална државотворна компонента во нашата Татковина.

Предизвиците со кои се соочуваме сите создаваат силно чувство на недоверба во демократските резултати од пописот, со што се фрла сенка на отфрлање врз и така веќе оспорените идни резултати. Прекршувањата на правото на граѓаните слободно да ја изразат својата етничка припадност се следниве:

1. На многу места попишувачите не го поставуваат прашањето за етничката припадност на лицата, т.е. луѓето автоматски се регистрираат како „Македонци“.

2. Граѓаните кои се изјаснија како Бугари редовно и директно беа навредувани и омаловажувани од попишувачите, инструкторите и другите членови на попишувачките комисии.

3. Имаме случаи во кои доколку еден член на семејството (првиот коj се попишува) се изјасни како Македонец, попишувачот автоматски го заведува целото семејство како „Македонци“. Имаше многу жалби за овие акции, но само симболичен дел од нив беше успешно поправен. Доказ за оваа распространета проблематична практика може да се најде во официјалната е-пошта на Заводот за статистика на Република Северна Македонија.

4. Во најдрастичните случаи, од лицата кои се изјасниле за Бугари било побарано да достават бугарски државни документи, пасоши итн. како „доказ“ за нивно регистрирање како такви (повеќето од македонските Бугари немат бугарско државјанство). Овие луѓе подоцна беа регистрирани како Македонци, под изговор дека не можат или не се осмелуваат да презентираат таков бугарски документ.

5. Поради неправилно функционирање на апликацијата, многу попишувачи ги земаа податоците на лист хартија и потоа ги внесоа во апликацијата во лично отсуство на граѓаните, заменувајќи ја Бугарската самоидентификација на лицата со „Македонска“.

6. Негативна антибугарска енергија и нетолеранција имаше кон лица кои се идентификуваат како Македонски Бугари и бараат корекција во нивните лични регистрациони обрасци поради неточно регистрирана од попишувачите етничка припадност. Оваа нетолеранција беше пренесена од одговорните нивоа во ДЗС до инструкторите и службата за попис-практика која докажува дека навредите, понижувањето и притисокот не се само дело на изолирани попишувачи, туку добро структуиран однапред подготвен чин на носителите на одлуки.

Почитувани,

Демократијата не е “а la carte” мени за избор на политика во согласност со националистичката агенда на одговорните за организирање на пописот на PCM. Без правда за Македонско-Бугарскиот дел од нашето општество, нема да има јасна и долгорочна перспектива за стабилност во нашата Татковина, ниту пак опиплива европска иднина за нашите деца. Со надеж дека ќе размислите да ги споделите овие проблеми со Вашата влада, остануваме на располагање и со почит кон Вас:

Културен центар “Иван Михајлов” БИТОЛА



Слични Објави