КФМ ПРЕСЕЧЕ: КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА ТРАГИЧНО ЗАГИНАТАТА ЛЕГЕНДА!

/

Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на состанокот одржан минатата среда донел одлука за преименување на Купот на Македонија односно додавање на името на поранешниот селектор и репрезентативец на СФР Југославија, Благоја Георгиевски-Буштур, кој неодамна го загуби животот во сообраќајна несреќа во скопската општина Кисела Вода.

Во иднина, екипите ќе играат за пехарот во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, што е своевидно оддавање чест на легендата, која прерано нѐ напушти, а која остави големо спортско наследство на сите понатамошни генерации. Прашање е само дали новото име на некогаш најмасовното натпреварување ќе дебитира уште годинава, бидејќи поради стопираните спортски активности, како дел од забраните чија цел е спречување на ширењето на коронавирусот, можно е тоа целосно да биде одложено.

На состанокот на УО на КФМ едногласно е донесена одлука целиот добиен износ од продажбата на билети за натпреварот Македонија–Естонија, кој се одигра на 20 март во склоп на квалификациите за ЕП 2021, да се донира во добротворни цели. Средствата ќе се распределат согласно со поединечни потреби-барања, односно со посебна одлука на генералниот секретар на КФМ, а по утврдување на основ за реализација на донациите од страна на федерацијата.

Членовите на кошаркарската влада истовремено ја усвоиле завршната финансиска сметка, во која е наведено дека Куќата на кошарката во 2019 година инкасирала 98,5 милиони денари (околу 1,6 милиони евра), а потрошила 83,5 милиони денари (1,35 милиони евра).



Извор: Спорт1

Претходна статија

АДВОКАТИТЕ БАРААТ ОДЛОЖУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ РОЧИШТА ПОРАДИ КОВИД 19

Следна статија

ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА КУМАНОВО АПЕЛИРА СЕМЕЈСТВАТА НА КОРИСНИЦИТЕ ДА ОДБЕГНУВААТ ПОСЕТИ

Најново од Вести