Кино „Влајкова“ оставнината на битолчанката Марија Влајкова во Софија прославува 100 години од отварањето
Вечерва во 19 часот во Софија ќе започнат свеченостите по повод 100-годишнината на Читалиште „Антон Страшимиров-1926“ и Кино Влајкова.
Датумот е симболичен – на 16 февруари 1926 година Марија Влајкова го потпишала својот тестамент со кој на жителите на главниот град им ја дарувала зградата, што и денес претставува културен центар.
Во изјава за БНР, драматургот и режисер Олег Ковачев нагласи дека тестаментот ја отсликува нејзината уметничка природа и визија. Според него, таа сакала просторот да остане трајно културно наследство, нешто што продолжува да живее и по еден век.
Ковачев истакна дека киното треба да се зачува, иако стриминг-платформите сè повеќе доминираат. „Влајкова“ е последното квартовско кино во Софија, додека некогаш речиси секоја населба имала свое кино.
Тој посочи дека кино-доживувањето не може да се спореди со домашното гледање и дека низ салата во изминатите 100 години поминале повеќе од седум милиони гледачи. Денес проекциите се дигитални, што овозможило опстанок на киното, кое се насочува кон европска и бугарска кинематографија.
„Овде киното сè уште има дух и магија“, додаде Ковачев.
Марија Влајкова (1871–1926) е учителка, општественичка и добротворка, основач на Кино Влајкова и сопруга на писателот Тодор Влајков.
Родена е во Битола во 1871 година, тогаш во границите на Османлиската империја. Се школувала во Стара Загора, по што работела како главна учителка во Македонија. Во период од шест години предавала во Охрид, во Битола и во Солунската бугарска женска гимназија. Најпрвин била мажена за композиторот Атанас Бадев, а по неговата смрт во 1910 година стапила во брак со Тодор Влајков, кој ја поддржал во идејата за отворање кино.
Имала изразени интереси за операта, литературата, театарот и особено филмот, кој го сметала за средство за културно и образовно издигнување на општеството.
Починала на 31 декември 1926 година, неколку месеци по завршувањето на изградбата на киното, кое во својот тестамент го замислила како народно-воспитна културна установа.
