Ќе има ли разведрување…?!
Владимир Перев
1.
Темно е, речи си секогаш било “темно“, небото над Македонија. И сега, во оваа “Севернава“ ситуацијата не е подобра. Владата на ДПМНЕ, застаната цврсто зад позициите дека “во Европа треба да влеземе само со гаранции дека нема да има нови барања“, ја поставува Европа, ама најмногу себе сѝ во нерешлива и безизлезна ситуација. “Патриотските“ изјави на премиерот Мицкоски за “исправената кичма…“, “додека сум јас премиер…“, “нема да дозволиме понижувања на македонскиот народ…“, зачинети со недостојниот речник за оние кои мислат и бараат нешто поинакво, речник како “глодари…општествен талог…предавници“ и слично, само ја усложнува ситуацијата и ги затвора перспективите за иднина. “Темното небо“, политичкиот и национален безизлез стануваат нормална состојба. Ама, дали е баш така во овој момент?
Тивко и некако срамежливо, низ партиските комитети на ДПМНЕ во внатрешноста, како и од функционери на партијата и новинари во “служба на нацијата“, можат да се слушнат намекнувања дека се очекува, кон крајот на октомври и почетокот на ноември, без голема помпа да се отвори Уставот на РСМ и бугарите, заедно со некои други нации да бидат вметнати во него. Никој не знае како тоа точно ќе се изведе, ама идејата премиерот ја споделува само со неколкумина најблиски…сепак, во Македонија нема тајни, агентурата работи редовно и точно! Затоа е и новата реконструкција на владата, целосно непотребна и со смена на споредни личности, но во Министерството за односи со заедниците настанува клучна промена – сменет е министерот Стоиљковиќ со припадник на ВЛЕН, албанец, од кого се очекува дека ќе има поразумен однос кон “уставните аспирации“ на бугарскиот народ од Македонија. На Стоиљковиќ му “пресуди“ близината со Путин и Додик, а најмногу експлицитното српство и русофилство кое тој воопшто не го прикриваше. Локалната самоуправа станува новиот пункт за реализацијата на “српскиот свет“ на Вучиќ и српската империјална политика на Балканот.
2.
Веќе сто години Македонија е во полуколонијален однос со Србија и во Белград се решаваат судбоносните прашања за нас. Така било во Кралството, така било во Титова СФРЈ, така е и денес. Триесет и пет години по осамостојувањето, земјава не може да дигне глава од српските капитали, српските медии, певачки и серии, од српската офанзивна идеологија, од српските финансиски врски како единствени можности за кредити кои не треба да се враќаат (барем не привремено) и конечно од српските разузнавачки структури, навлезени во сите пори на македонскиот политички, национален и финансов живот. Агентите на српската БИА (Безбедносно Информативна Агенција -фактички разузнавачка служба), стигнаа толку далеку, што за време на настаните на 27 април 2017 г., нивниот агент Горан Живаљевиќ беше во структурата на демонстрантите пред Парламнтот (а може и внатре?)…потоа, човекот напиша и книга за своите активности овде и другаде. Така инсталирана, агентурата на БИА цврсто ги држеше македонските структури на патот кој инсистираше на Коридор 10, наместо Коридор 8 (кој е проект на НАТО), ја поддржуваше о организираше зависноста од кинески и унгарскоорбановски кредити, вршеше медиски притисок за рестрикција на човековите права, специјално на бугарите и за елиминирање на личности од политичката сцена кои не беа по волја на Белград. Тоа беа претежно проевропски ориентирани активисти и политичари. Сепак и БИА не е семоќна, нешто се случува!
3.
Информациите кои протекуваат од белградското политичко и новинарско миље говорат за кадровско и политичко реструктуирање на Агенцијата, по однос на Македонија и интересите овде. Тие информации во Скопје брзо пристигнуваат. Отворено се говори дека македонската влада и премиерот Мицкоски се решени да ги внесат бугарите во Уставот, најдоцна до ноември оваа година, па потоа и да применат ред други активности. Почнува битката на сиромашните македонски фондови, за европските пари.Тоа значи дека дел од кадрите и активностите на БИА овде ќе бидат застарени, доаѓа ново време и проевропски политичари, доаѓаат и нови странски инвестиции, но и нови странски владини советници. Старите структури на БИА кои дејсвуваа овде по најпростите начела – зависност од пари, кариера и стогодишен сентимент на семејни врски – сега се менуваат, па треба да се бараат нови решенија. Ако со постоењето на албанците како рамноправен фактор во Уставот на РСМ, БИА можеше некако да се справи на традиционален начин, сега со влегувањето на бугари, хрвати, евреи и други, тие форми се застарени и отпаѓаат. Се бараат нови решенија, нови луѓе, за нови зависности…европските пари и кредити, носат македонски обврски кон други луѓе, држави и служби.
4.
Пресилено би било да се каже дека од сето ова вистинскиот победник би бил лидерот на СДСМ Венко Филипче. Навистина, внесувањето на бугарите во Уставот ќе биде голем победнички поен во неговата и биографијата на Партијата, ама тоа е далеку од вистинска победа – победа која ќе ја промени структурата на власта и ќе го доведе СДСМ на власт. Ниту Филипче, а уште повеќе неговиот омаломоштен, нејасен и политички непродуктивен антураж, ја немаат силата за промена. Таа сила е скриена некаде во “отсутните“ партиски кадри од минатото време, блиски со болшевичките институции на Македонија во СФРЈ, а најмногу во “преодниот“ период на деведесетите години. Тие го чувствуваат вистинскиот ритам на времето, па затоа и организираа трибина „Разговори за иднината во 12:05“, навестувајќи дека и 12:05 не е доцна за вистински промени. Всушност се работи за нивно вклучување во процесите кои доаѓаат, истиснување на Филипче и неговите од реалната власт и преземање на заслугите за падот на Мицкоски и ремисијата на ДПМНЕ. Јасно е дека Мицкоски нема да може ефективно и убедително да го признае капитулантското ставање на бугарите во Уставот, ќе сноси и определени последици од тој чин, но останува простор кој ќе треба да се пополни. Едните ќе бидат капитуланти, другите од кај Филипче ќе бидат предавници на националната идеја, ама ќе се отвори празен простор за влегување на “групата12:05“. Тоа би требало да биде нивната победоносна прошетка низ бојното поле СДСМ-ВМРО ДПМНЕ, собирање на “чаурите“ и пребројување на политички “мртвите души“од двете страни…останува празниот простор за реинкарнација на бившите кадри од СДСМ.
5.
Да не се залажуваме, Мицкоски и ДПМНЕ нема да паднат така лесно. Тој е проверен популист, пријател со Вучиќ и некои други политичари од истиот ков, а ја има поддршката и од политичари, пријатели на Србија. Не е тоа голема бројка, но значајна и влијателна. Исто така, ВМРО е партија со цврст електорат, железна дисциплина и бескомпромисно однесување. Ако Мицкоски падне, ќе падне заради својот брутален, неконтролиран речник, непотребната продукција на непријатели и арогантен однос кон своите. Таквите политички индивидуи обично не преживуваат.
Може да се очекуваат и изненадувања, Имено “глодарите“ (омилениот израз на Мицкоски) од неговата близина, македонски патриоти ама со бугарски “паспорти“, да ги отворат своите скриени документи и да се вклучат во раководството на земјата како претставници на “дел од бугарскиот народ“ во Северна Македонија. Веќе се најавуваат…
Илузорно би било било која структура од споменатите, да очекува поддршка од Србија. БИА ќе ги поддржува сите три структури – и онаа на Мицкоски, на Групата 12:05, и делимично на Филипче…ќе биде со победникот, очекувајќи продолжување на неспорната власт над Македонија.
Разведрување на Македонското политичко небо не се очекува.
