|

КОДОШИТЕ „СИ ЗАМИНУВААТ“ СО ОТПРЕМНИНА

Премиерот Зоран Заев најави донесување закон со кој, Законот за лустрација ќе биде прогласен за ништовен, лустрираните ќе бидат ослободени од секаква вина и воедно ќе им бидат исплатени и соодветни финансиски надоместоци за „претрпената болка и нарушениот углед од чинот на лустрацијата“. Со насмевка изјави дека лустрацијата била неправедна и несоодветна, дека Комисијата за лустрација (за Верификација на фактите, како што е нејзиниот законски назив) не си ја завршила добро работата, дека луѓето се неправедно лустрирани, па најдобро би било сето тоа со закон да се прогласи за ништовно, а лустрираните да бидат финансово обесштетени.

Сама по себе, веста е шокантна. Таа е одраз на македонскиот провинцијален дух, на паланечката философија дека „сите нешта можат да минат напречено“ а премиерот се покажа како носител на тој провицијализам, всушност потврда дека „од селото можеш да излезеш, но селото не може од тебе да излезе“. Впрочем, со своите бројни коруптивни афери, со потплатувањето на медиите и личностите од својата близина, тој само ја потврди тезата дека е вистинскиот наследник на потиснатата комунистичка номенклатура, која тој со сите сили се труди да ја оживее. Што ќе поништи премиерот, дали ќе ги поништи невините жртви на кодошите, на полициските поткажувачи, кои од материјална полза или од кариеристички побуди влегувале во нашите домови, нашите телефони и животи и ги изнесувале нашите интими на увид на јавноста.

Дали ќе ги поништи информациите на кодошите кои известувале за нашите „поинакви“ политички и национални размисли за НАШИОТ живот, во НАШАТА татковина? Како може тоа да се поништи? Па нештата се забележани, постојат во сите досиеја, уредно класифицирани, со име, презиме и кодирано име на поткажувачот, а неретко и со целото име. Македонија не е неговото Муртино каде секој се знае за секого, секој се кара и расправа со секого, па нештата се завршуваат на Прочка, сите се помируваат со општа селска пијанка. Муртинецот е премиер и така треба да се држи, сепак, овде има повеке од 1.5 милиони луѓе. Точно е дека процесот на лустрација беше несоодветен и неправеден. Затоа и многумина не беа лустрирани. Не беа лустрирани иницијаторите, извршителите и поткажувачите на најголемата струмичка трагедија, убиството, без суд и пресуда, на петте струмички студенти. Тоа е нешто за што и тој самиот би требало да се заинтересира. Трагичните вести во и за Македонија секогаш доаѓаат некаде околу Коледе.

На Коледе 1945 година десетици илјади Македонци беа убиени без суд и пресуда од тогашната комунистичка власт предводена од Лазар Колишевски, Михајло Апостолски, Светозар Вукмановиќ-Темпо и цела гарнитура македонски соработници. Никој не е лустриран, нема акт на Комисијата за верификација на фактите. Не беа лустрирани и иницијаторите на убиството без суд и пресуда на 53-те граѓани на Велес, злостор извршен на Стара Нова Година, неколку дена по Коледе. Тоа беа крвавите прослави на Коледните и Новогодишните празници, организирани и извршени од антимакедонската болшевичка врхушка.

Денес, пак пред Коледе, премиерот Заев излегува но нов апел за погром на се македонско, затскривајќи се зад синтагмата за „несоодветно извршената работа“ на Комисијата за лустрација. Да, работата беше извршена несоодветно и, што е најважно, нецелосно. Тоа е затоа што на комисијата не и биле доставени актите од судските процеси и судските досијеа, како и партиските досиеја на КПМ/СКМ и на некои активисти на СДСМ. Сето тоа било прикривано со изјавите дека такви досиеја нема, дека се некаде загубени, дека исчезнале во неповрат и слични негодувасти кои, и кај најмалку упатените, не држат вода. Некој треба да му каже на премиерот, кога тој веќе самиот не чита и не се интересира, дека лустрацијата е на посреден начин составен дел од Преспанскиот договор, како и Договорот со Бугарија.

Низ процесите на лустрација, некои од неправедно судените и гонети од македонските комунистички власти, ќе треба да си го заземат своето место и во поновата (заедничка) историја, нашата и на нашите соседи. Иначе, како Заев ќе му објасни на својот бугарски колега Борисов дека во Архивот на Р(С) Македонија и во службата на УБК го нема досието на Венко Марковски. Никој не може да го најде, така што не се знае точната „вина“ на Венко, но и не се знае кои биле и што за него кажале неговите кодоши. Нели, ќе дојде редот и за него да разговараме чиј бил, па така ќе се дојде и до тоа да се говори чија е вината…во еден таков процес, сепак некој би требало да биде лустриран…не е само Венко, тука е и непостоењето документи за процесите на Ченто, на Панко Брашнаров и на ред други политички личности од Македонија. Комисијата за лустрација не ја заврши работата со нашите попови и владици.

Тие останаа негибнати од процесот, а секое македонско семејство кое има барем еден свој човек надвор во Европа или по светот, знае за нивната ролја, како таму, така и овде. Само владиката Агатангел бил согласен да се изврши „верификација на фактите“ за него и неговата епархија. Тоа е единствениот светол пример. Оџите на ИВЗМ не се покажаа ништо подобри, па затоа сега кај нив се случуваат судирите на ИВЗ со муфтиството и свештенството од Кондово. Тие си прават сопствена „мини национална и верска“ лустрација. Македонската комунистичка врхушка инсталирана околу „водњанската“ група, погрешно го учи премиерот дека ако ја избрише лустрацијата, ќе се заборават злосторствата.

Тоа е невозможно. Сѐ уште се живи жртвите на колишевизмот и комунизмот, нештата се кажани и забележени на многу места, а за нивното обнародување дејствуваат механизми за кои нашиот несреќен премиер никогаш не чул ни разбрал. Ние сме на патот кон Европа и никој нема да дозволи злосторствата да бидат заборавени. Ако сака повеќе да научи, нека го праша претседателот Пендаровски, да му објасни како еден навидум наивен случај со националниот дисидент (т.е. Бугаринот) Владо Панков од Охрид, стана тема на разговор на скопскиот аеродром меѓу тогаш младиот припадник на ДБК Пендаровски и европратеничката Дорис Пак…

Колку се важни кодошите на УДБ-а и колку пари се нужни за тие да бидат задоволни и задоволени. Кога кодошеле биле наградувани, со пари или позиции, а сега им се материјализира нивната нечесност. Сето тоа под превезот на „нарушено достоинство и чест“. Какво ли достоинство и чест може да има еден полициски поткажувач, ослобден од сите морални норми…овде станува збор за бескрупулозност и алчност од невидени размери, а сето тоа треба да го платат жртвите! Перверзијата на оваа прокомунистичка влада е што не донесе ниту еден акт на признание кон жртвите на системот во претходниот период. Во времето на Бранко Црвенковски само македонската делегација во Асамбелјата на ПАСЕ не ја потпиша Декларацијата за осуда на комунизмот како систем. Тоа трае и до денес, а истите персони му наметнуваат на Заев антиевропски позиции. Несреќните судбини на Македонците и Албанците, најчестите жртви на удбашкото насилие, повикуваат на будност, отвореност и чесност. Затоа, најчесно би било жртвите на комунизмот, затвораните и прогонуваните да бидат материјално обесштетени, а поткажувачите да ја примат општествената осуда.

Потомците на жртвите да добијат општествено признание, како сатисфакција за сторените недела на еден режим. Заради тоа, како нужност се наметнува формирањето на нова комисија за лустрација, која одново ќе ги преразгледа сите случаи на злоупотреби и ќе донесе соодветни мерки, онака како што стана во сите источноевропски земји. Така и ќе се исправи неправдата, ако ја има, кон оние кои тврдат дека се неправедно лустрирани. Не се нужни никакви казни, потребна е само општествена осуда на тоа грдо, зло време. Конечно, време е македонските (квази)комунисти и нивните наследници од СДСМ да се сретнат со сопственото минато. Премиерот Заев треба да биде предводник на средбата со историјата на својата партија.

Автор: Владимир Перев, новинар

Слични Објави