Кога добрата вест не смее да биде добра

//

Facebook статус на Никица Корубин

30 години агонија и фобија, 30 години неверување дека можеме подобро, 30 години уверување дека “некој” не’ загрозува и уништува. Тој “некој” низ годините се менуваше, па така “идентитетот” беше напаѓан од разни страни, а ние ниту во еден момент не бевме сами, како што во улога на жртва најкомотно живееме; ЕУ и САД константно се тука.Прво беа Грците, од чие решавање на спорот за името бегавме точно 26 години, измисливме секакви варијации на “името не го даваме” од небулозни до смешни во кои во некои “името го дадовме”, се лажевме за двојна формула, црвени линии, историја – во меѓувреме од таа “античката историја” по илегален пат се направи невиден грабеж, нелегално ископување и трговија со археолошки артефакти, со директна “помош” на институционално ниво, чија груба процена одамна надмина 1.000.000. Се’ уште немаме сеопфатна и систематска законска регулатива за заштита и управување со културното наследство. Затоа, што “клетите” Грци беа виновни, што варварски не се грижевме и грижиме за нашето културно наследство, односно, идентитетот. И кога ја добивме историјата преку Северна Македонија, ништо не разбравме, бидејќи никој суштински и не ја бараше, подалеку од потребата за негација на добар договор и меѓународно превземена обврска . На таа добра вест забрането беше да се израдуваме.Потоа, тоа беа Албанците, од чиј реален соживот бегавме цела деценија, до потпишувањето на Охридскиот договор. А, после продолживме да бегаме од реалната имплементација, од квоти, до јазик, до “ќе не’ претопеле”, до биле “нужно зло, ама секој имал по еден пријател Албанец”, па преку потценување, до определување што е “добар, а што лош Албанец”. Во меѓувреме, тие во ниту еден момент не отстапија од интересите на државата, беа и останаа наши граѓани, чиј придонес се мери по квалитетот, и очигледното разбирање на промените многу пред нас самите. Не’ спасија многу повеќе и многу поумешно, од што сме спремни да признаеме и разбереме во моментов. На таа добра вест константно не смееме да се израдуваме. На крајот дојдоа и Бугарите. На крајот од што? На крајот на патот на нашето конечно оттргнување од митот и минатото за поранешна Југославија. 30 години ментално, структурно и суштински, ако како суштина се сметаат сите влијателни структури, не дозволуваат да се ослободиме од минатото кое не само што не постои, туку никогаш и не постоело во таа проектирана форма. Бугарите беа нашата последна фобија, последната брана, последната “шанса” да останеме врската со светот кој одамна не постои, а во посакуваната мегаломанска форма, никогаш и не постоел. Во меѓувреме сета преостаната омраза се слеа кон нив, “забранетата” тема се отвори, на голема врата го вративме потсмевот, мајтапот и потценувањето кон се’ што е бугарско, без кочница и без размислување, по инерцијата од потсвеста на југословенската супремација, која изворно и тогаш никогаш не била автентично македонска. Немавме милост кон нив, не поради нивното политичко вето, туку поради нашето вето да ги отвориме забранетите теми. “Идентитетот и историјата” се аргументот на “светата тема”, која е света само затоа што се губи монополот на одлучување. Омраза не се развива за три години, бара голема “грижа и нега”. Преговарачката рамка не’ става на патот кон решавање и на тој проблем Затоа и на оваа добра вест не смееме да се израдуваме. После гркофобијата, албанофобијата и бугарофобијата, на што можат Македонците да се израдуваат, со идентитет, јазик и историја иста како и пред 30 години; за кое време не се поместивме многу ментално и интелектуално поради нашата неодлучност да се спротиставиме на сите лажни и конструирани фобии; кои единствено што ни земаа е можноста за рационално и модерно расудување. Додека не’ плашеа со големи теми, истиот “идентитет” и “културно наследство” систематски го уништија и запоставија, и не го заштитија не од Грците, Албанците и Бугарите; туку од партократската логика на “заробена држава” која сакаше и сака да ја има контролата на сите процеси. Да кажува, што е идентитет, што е историја, што е добро, а што е лошо. Немајте дилема, нивна одредница, на сите кланови и структури, не се граѓаните, туку личните интереси. Затоа, не се израдувавме на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија, на Охридскиот договор, не се радуваме на НАТО и на ЕУ. Затоа што со тоа стануваме своја држава, со одговорност пред себе, пред своите граѓани и пред меѓународната заедница. А, за тоа не ни треба дозвола од никого. После 30 години агонија, секакви пречки и подметнувања, некако чудно и чудесно се провлекуваме низ процепи и ги остваруваме стратешките интереси. Ова се историски денови. Имате шанса, да се радувате и да го разберете моментот или некогаш вие или некој друг да го чита како историја. Затоа што историјата, слично како и идентитетот, која ние и контекстот, со стратешките партнери ја создадовме, никој толку не може да ја одземе, како што можеме самите на себе да си ја одземеме. Сепак, овој пат, ќе си дадеме шанса, ја заслужуваме, зарем не?





Претходна статија

Одложена седницата на Комисијата за надворешни работи на бугарскиот Парламент

Следна статија

Бугарскиот Парламент изгласа недоверба на бугарската Влада

Најново од Ваш став

Потрага по идентитетот

Facebook статус на Никица Корубин Три достапни документи: Преговарачката рамка на 25 страници, Заклучоците на Советот

Туѓа влада

Facebook статус на Никола Димитров Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој