КОГА ОПИНЦИТЕ ЌЕ ТРГНАТ НАКАЈ (Џ)АРШИЈА

-Здраво Џорџ како си? Се немаме видено можеби 30 години. Како живеете во Австралија? Убав ли е животот таму?

-Ами да ти кажа право ич неубо, се работит 5 дена во неделата платата 2000-3000 илјади долари, туркаме. О, мајко Македонијо колку солзи пролеав за тебе. Шубо ви е овде. Се си имате, Аустралија земја проклета!

-Мхм… ок… Како патуваше?

-А мор какво ме прашвиш ја не пливав, со авион како!

-Но… Јас мислев на дали добро патуваше… Добро, добро не се разбравме во преводот. Како се децата?

-Ами да ти кажам мака ми е тро, си ојт малата во играорна, ене средното го зеде си работит кутрата, се мачит во Сиднеј е таја. Ама еве поминаја две години, само кола нова си купи, за куќа ќе почекат уште две -три. Срцево ми плачит шо се мачит ама то е. Ах Аустралија пуста останала. Ах Македонијо душава ми горит за тебе!

-Мхм… и ние така овде… Купивме еден половен Голф од Бугарија , нека вози детено, хе хе, да ти кажам не е лошо. Ами брачед арно ти текна да си дојдиш, животот ни помина…

-Аааа брачедо мислиш ти ние во Аустралија парите на дрво ги бериме? Ами ко волој работиме, не ко вас овде, ко ќе ви текнит ај на езеро, ко ќе ви текнит ај до Скопје на шетање. Нема, ваму парите скапи се. Море шубо ви е, ах мајко Македонијо, душава ме болит за тебе. Мори брачедо не ви е срам името шо го сменавте? Шо ви фалеше? Се дадовте на Грцине. А училишта убајна, болници во секојград, тие запнале во скапаницана Европа да влегвеле. Еве и фрижидери имате… Споменици, бриџој, ами среќни сте немате ни чајнези ни црнци и пак не ојт работава!

-Ох… добро, добро… А имаше ли некој посебен повод што се вративте со синот… Снашката да ја земевте, внуката…

-А мор брачедо па ти истото. Абе ти знајш колку се мачиме ние Аустралија?! Пари требит! Ја си дојдов да го оженам сино. Чунки време му е. Му кажав јас, ако сакаш домаќинка само од Македонија. Ќојме таму ќе си дајме некој долар ќе си дојт во Аустралија. Си реков брачедо, некое гладно да нараниме. А синов мој мана немат! Малку пивнуват, хе хе хе, ама мажиште македонско ако не фрлит две-три чашки ракија порно ич да не се кажвит дека ми е син. Ах гордост на татко. И арно зборнавме. Има некое џупе така лично, танко? Неморат многу танко де, ама чесно да ет. Сино е 38 ако имат некое 24-5 години таман. Не дека и та е во цуто на младоста ама сино така сака. А јас за сино ако требит три пати ќе дом до Македонија дур не му најда ко шо требит моме. Ќе си дајме една вечера и ајт, немаме ние ногу време за свадби, работа не чекат!

-Хмм… Да пишиме оглас брачед ха ха, да си ја кажеше маката пред да тргнеш, па да ти дадев совет ич да не се враќаш. Не се младите будали брачед. Гладни се, ама не се будали. Не е за нив маж пијаничиште кој бара жена со татко му. Немаме толку пари како вас брачед, ама па акал имаме. И да. Кај нас брачед се работи седум дена, и ние не ги бериме парите од дрво. Земаме една нула помалку од вас, но знаеме што е авион. Се молиме да не се поболиме зошто од „убавина“ сите доктори ни избегаа во „скапаницана“ Европа. Децата ни одат во катастрофални училишта, без услови ама пак да се здрави и живи, пргави се и трудољубиви. И замисли и македонски па и аустралијански зборуваат перфекно. И се согласувам со тебе. Ах, Австралијо, земјо проклета! Како не ги тргна тоа визите па сите да си дојдеме и да се мачиме како вас таму. Ќе плачиме трошка за Македонија ама пак во срце ќе си ја носиме! Земи си ги брачед 5 те долари за здравоживо и оди си со здравје. Ако ти се скусат дај да ти додадам.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Слични Објави