Кога жртвата станува виновник – огледало на едно општество
Игор Билбиловски
Трагедијата со Ивана и малата Катја не е само семејна драма. Таа е длабока рана на нашето општество. Рана која не боли само поради загубените животи, туку и поради начинот на кој дел од јавноста реагира.
Читајќи ги деновиве коментарите на социјалните мрежи во врска со трагедијата со Ивана и Катја и судскиот процес против Стојанче, не можам, а да не забележам колку лесно дел од јавноста ја извртува вистината и ја префрла вината врз жртвата наместо врз обвинетиот.
Наместо фокусот да биде таму каде што треба – на насилството и на одговорноста на обвинетиот Стојанче – дел од коментаторите решија вината да ја префрлат врз жена која веќе не е меѓу живите за да се одбрани.
Се шпекулира. Се обвинува. Се суди. Се зборува за наводна афера – непотврдена, недокажана, но доволна за некои да ја прогласат за виновна. Но дури и да постоела таква врска – дали тоа е оправдување за години малтретирање?
Дали тоа дава право некој да крева рака? Дали тоа го прави насилството „разбирливо“? Не. Насилството нема оправдување. Никогаш!
Жената не е предмет. Таа не е сопственост. Таа е човечко битие со право на достоинство, избор и слобода. Ако бракот не функционира – се заминува. Се разделува. Се бара решение. Не се тепа. Не се уништува.
Обидите да се оправда насилникот со изговори од типот „имал причина“ се опасни. Тие не само што ја извртуваат вистината, туку испраќаат порака дека насилството може да се разбере – па дури и да се толерира.
Да си поставиме едно искрено прашање:
Дали тие што го оправдуваат насилството би сакале нивната ќерка да живее во страв? Дали би прифатиле нивниот син да биде жртва на психичко или физичкомалтретирање?
Одговорот е јасен.
Тогаш зошто, кога станува збор за туѓа трагедија, толку лесно се заборава човечноста?
Ако Ивана, оттурната во безизлез, побарала утеха или поддршка од некого – тоа не ја прави дека има афера и виновна. Тоа ја прави човек. Човек кој бара излез од болка.
Ова не е оправдување за самоубиство или за одземање живот – тие трагедии не смеат да се романтизираат. Но мора да се разбере очајот. Мора да се препознае моментот кога човекот гледа само темнина.
И токму затоа, фокусот мора да остане таму каде што му е местото – на насилството и на одговорноста.
Не ѝ се суди на Ивана. Се суди на постапките на обвинетиот Стојанче. Правдата мора да се истера до крај.
Оваа трагедија е опомена – за сите нас. За општеството кое често молчи. За институциите кои мора да реагираат навреме. За секој од нас кој гледа, слуша и избира дали ќе проговори. Бидејќи насилството не почнува со трагедија. Трагедијата е само неговиот последен чин. Ова е голема жал за Македонија.
Бог да ги прости Ивана и Катја.

