| | |

(Видео) Рајков: Одредени кругови во Скопје се настроени да изгубат уште време на граѓаните на Република Северна Македонија

Недостатокот на реални гаранции за бугарската заедница е клучен проблем во односите со Скопје и во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Ова го истакна заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија Марин Рајков во интервју за утринската програма на Бугарската национална телевизија. Тој посочи дека промената на уставот на Република Северна Македонија е основен услов за напредок во преговорите.

Според Рајков, очигледно одредени кругови во Скопје се повеќе наклонети да изгубат уште време на македонските граѓани. „Слушајќи ги изјавите на премиерот Христијан Мицкоски од последните денови, дека тој со децении нема да дозволи да се исполнат условите кои можат да ги отворат преговорите за членство, а тоа е промена на уставот и гаранција, уставна, за правата на Бугарите, слушајќи го си давам сметка дека одредени кругови во Скопје се повеќе наклонети да изгубат уште време на македонските граѓани.“, вели Рајков.

Во однос на предложениот акционен план за правата на заедниците, дипломатот истакна дека претставниците на бугарската заедница веќе го отфрлиле, бидејќи не обезбедува ефективна заштита на нивните права.

„Тој е многу важен всушност. Станува збор за конкретните механизми преку кои ќе се спроведува суштински консензусот. Промената на уставот и обезбедувањето уставни права за делот од бугарскиот народ кој живее во Северна Македонија, овие гаранции ќе бидат практично остварени преку мерките кои се содржани во овој акционен план. Бугарската заедница веќе еднаш на средба ги беше изнесла своите критики. Нивниот премиер Мицкоски јасно презеде обврска дека нивните стремежи ќе бидат земени предвид. Тоа не се случи. На последната средба претставниците на бугарската заедница го отфрлија текстот на овој акционен план бидејќи не дава гаранции против прекршувањето на нивните права.“ Над 210 000 лица од Република Северна Македонија го докажале своето бугарско потекло со документи, коментираше уште во студиото заменик-министерот за надворешни работи.

Марин Рајков нагласи дека тоа наметнува потреба од јасни гаранции за правата на бугарската заедница во земјата.

„Ние зборуваме за оние кои дошле на територијата на Европската унија за да го изјават своето бугарско потекло. И најважното е да претстават документи кои го докажуваат тоа потекло. И овие 210 000 лица се очигледно еден дел од луѓето кои имаат таква самосвест. Во Република Северна Македонија во секој случај зборуваме за значајна група.“, вели Рајков

Рајков додаде дека проблемот околу европската интеграција на Република Северна Македонија не треба да се разгледува како билатерален меѓу Софија и Скопје, туку во контекст на обврските кон Европската унија.

„Факт е дека нивниот министер за надворешни работи – Тимчо Муцунски, обиколува од кабинет до кабинет во Брисел и се жали од Европската унија, од Бугарија, од различни нешта. Ние не сакаме да влегуваме во таква шема, при која по него влегуваме ние, затоа што не сакаме ова прашање да се перцепира како билатерално. Да се тврди дека има билатерален проблем меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е исклучително манипулативно. Проблемот е повеќе меѓу Скопје и ЕУ. И неисполнувањето на условите.“, изјави Рајков.

Слични Објави